Линкови за пристапност

Нема решение и по четвртото продолжение на конститутивната седница


Четири дена пратениците во Собранието дебатираат, реплицираат и контра реплицираат за многу теми освен за точките на дневниот ред - избор на претседател на Комисијата и избор на претседател на Собранието

Денешното продолжение на конститутивната седница по ништо не се разликуваше од претходните три, освен во делот на учесниците во дебатата бидејќи често се вклучуваа и пратениците од СДСМ, како и фактот што претежно говорницата ја користеа за процедурална дискусија.

Претседавачот Трајко Вељаноски неколку пати ја прекина седницата за да ги смири пратениците и побара од нив да се откажат од процедуралните дискусии за, според него, да се забрза работата. Сепак, не наиде на одобрување во собраниската сала.

На крајот од денот Вељаноски соопшти дека седницата минала со дури 50 процедурални забелешки, 5 реплики и 5 контра-реплики.

Дебатата на денешната седница повторно беше за платформата на албанските партии т.н. „Тиранска платформа“.

Напредок или какво било поместување од почетните ставови нема.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ побараа од своите колеги од останатите партии, да се согласат на нови парламентарни избори, со што веднаш ќе се деблокира работата на Собранието и веднаш ќе се избере претседател.

Пратениците на СДСМ останаа на ставот дека го имаат парламентарното мнозинство и дека основата на мнозинството не е т.н. „Тиранска платформа“ и продолжија со обвинувањата дека ВМРО-ДПМНЕ и Вељаноски ја опструираат работата.

Денеска за прв пат можеше да се забележи и судир меѓу доскорешните партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, откако пратениците Адеми и Милошоски влегоа во жестока дебата.

Од 57 пратеници кои се пријавија за збор, досега говореа само тројца, а остатокот од времето се потроши на бесконечните реплики со кои се запре работата на Собранието.

Конститутивната седница, која почна на 30-ти декември минатата година, ќе продолжи утре во 11 часот, а на дневен ред е точката за избор на претседател на Комисијата за избори и менување, каде е номиниран пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.

Изборот на претседател на Собранието е четврта и последна точка. Досега, единствено СДСМ излезе со кандидат откако со барање зад кое застанаа 20 пратеници го предложи Талат Џафери за спикер.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG