Линкови за пристапност

Собранието заглави во репликите на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ


СДСМ преку барање зад кое застанаа 20 пратеници, го предложи Талат Џафери од ДУИ за претседател на Собранието откако пратениците на ВМРО ДПМНЕ влегоа во меѓусебна „дебата“ за платформата на албанските партии и изборот на претседател

Собранието на Република Македонија не доби нов претседател. Конститутивната седница, почната и прекината на 30-ти декември минатата година, денеска продолжи со две точки на дневниот ред, избор на претседател на Комисијата за избори и именување, и избор на спикер.

Уште на самиот почеток, збор побараа сите 51 пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и неколку пратеници од СДСМ и ДУИ, а по шестчасовна „дебата“ во која главно учествуваа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, седницата беше прекината и ќе продолжи утре напладне.

Прв на собраниската говорница застана Антонио Милошоски кој рече дека според волјата на народот и согласно парламентарната демократија, кандидат за Претседател на Собранието на Република Македонија треба да биде од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

„Претседателот на Собранието треба да го претставува победникот, а владата е извршна власт која може да биде составена и од други политички партии“, истакна Милошоски.

Тој додаде дека Комисијата за избори и именување, чиј претседател е неговиот сопартиец Илија Димовски, треба да ги има предвид не само политичките, туку и моралните и етичките квалитети на тој којшто ќе го предложи за кандидат за Претседател на Собранието и дека тој јавно треба да ги отфрли и осуди туѓите платформи алудирајќи на т.н. „Тиранска платформа“ на албанските партии.

„Комисијата не треба да дозволи аболицирани криминалци да бидат кандидати за Претседател на Собранието. Без разлика што аболицијата покрива одреден криминал, тоа не е етички, ниту е согласно нашата етичка и политичка култура, да имаме такви личности како кандидати за Претседател на Собранеието. Сметам дека секој којшто себеси се смета за потенцијален кандидат за оваа функција, треба да биде подготвен претходно да даде една јасна и недвосмислена изјава за отфрлање и осуда на сите туѓи платформи“, рече Милошоски.

По неговото излагање следеа неколку часа реплики и контра-реплики во кои учествуваа речиси сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.

„Десет години навикнаа да бидат Господ и сега им е тешко џентлменски да го признаат поразот. Сега ви дадоа вам улога да се брукате за неколкумина да се спасат од правдата поради своите милионски криминали. Тешко му е на Трајко Вељаноски да ја напушти фотелјата која ја држи незаконски исто како и Емил Димитриев. Тешко му е и на Никола Груевски, па затоа одејќи за Малта, бара амбасадори да го дочекуваат по аеродроми во Истанбул“, реагираше Радмила Шеќеринска од СДСМ.

На барањето на Милошоски за отфрлање на т.н. „Тиранска Платформа“, реплицираше и пратеникот од ДУИ Џевад Адеми, кој смета дека со тоа се навредуваат Албанците во Македонија

„Сè има граница, и клеветата, и инсинуацијата. Милошоски, од кога ти пречи таканаречената „Тиранска платформата“ која не постои. По 29-ти јануари? Ни пред 29-ти јануари, ни по 29-ти јануари, таа не постои. Албанците во Македонија имаат свои легитимни, легални политички организации, тие имаат легална и демократска политичка елита. Тие немаат потреба од инструкции, од наметнати документи и немаат потреба да бидат ничии аргати за други цели“, рече Адеми.

Во неколку наврати атмосферата во Собранието се вжешти откако пратениците од СДСМ влегоа во вербална војна со Илија Димовски и Антонио Милошоски.

Откако стана јасно дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со безброј реплики и контра-реплики ќе ја блокираат работата на Собранието, во паузата, СДСМ го предложи Талат Џафери за претседател на Собранието со барање зад кое застанаа 20 пратеници.

„Парламентарно мнозинство ја презеде одговорноста и нема да дозволи понатамошно блокирање на работата на Собранието. Парадата на ВМРО-ДПМНЕ е беспредметна, СДСМ предложи избор на спикер преку 20 пратеници. ВМРО-ДПМНЕ прави сѐ за да ја одолговлече работата на собраниската седница на која треба да се избере претседател на Комисијата за избори и именувања која треба да го предложи претседателот на Собранието“, соопшти Петре Шилегов од СДСМ.

На ова веднаш реагираше ВМРО-ДПМНЕ, преку Илија Димовски, кој се повика на деловникот за работа на Собранието каде се предвидени две алтернативни за предлагање на кандидат за претседател. Првата е преку Комисијата за прашања на изборите и именувањата а втората со 20 потписи од пратеници.

„Да потенцирам, едната алтернатива не ја поништува другата алтернатива. Гестот на СДСМ да го предложи господинот Талат Џафери за претседател на Собранието, е нивно право и нивна одлука, ние го почитуваме тоа. Но, на тој начин тие 20 пратеници воопшто не можат да го ускратат правото, ниту на Комисијата за прашања на избори и именувања да предложи еден или двајца кандидати, ниту пак на другите пратеници во рамки на деловничките можности да дадат свои предлози за претседател на Собрание“, рече Димовски.

Иако седницата продолжува утре, речиси е неверојатно дека ќе појде од мртва точка, бидејќи на свое обраќање чекаат уште 50 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG