Линкови за пристапност

Трамп ги олеснува стриктните стандарди за горивата


Белата куќа тврди дека администрацијата на Обама го прекршила претходниот договор со автоиндустријата

Претседателот Трамп денеска на американските автопроизводители во сојузната држава Мичиген ќе им соопшти дека ќе ги смени стриктните економски ограничувања за горивата воведени од администрација на Обама, непосредно пред предавањето на власта.

Од Белата куќа велат дека со актот бил прекршен претходниот договор со автоиндустријата со кој се предвидувало ревидирање на стандардите во 2018-та.

„Автоиндустријата, со право, негодува“, кажа пред новинарите виш претставник на Белата куќа „Ние ќе ја вратиме среднорочната ревизија.“

Застапниците за повисоки стандарди оспоруваат.

Тие до 2018-та година „имаа рок со кој беа обврзани да завршат со ревизијата. Никаков договор не беше прекршен“, рече за Гласот на Америка Терез Лангер програмски директор за транспорт во Американскиот совет за енергетски ефикасна економија (ACEEE).

„Агенциите завршија со извештајот за детална техничка проценка во јули, 2016-та година, кој јасно покажа дека прифатените стандарди се одржливи и економски исплатливи. Тогаш, донесувањето на одлуката беше конзистентна со целта да им се даде доволно време на производителите да можат да го планираат производството.“

Администрацијата на Трамп сака да постави стандарди „кои се технолошки и економски одржливи,“ велат официјални лица кои ги брифираа новинарите и побараа да останат анонимни.

Некои автопроизводители тврдат дека повисоките стандарди, поставени непосредно пред инаугурацијата на Трамп во јануари се прескапи.

Трамп и раководителот на Агенцијата за заштита на животната средина, Скот Пруит кој искажа скептицизам за научните докази за климатските промени, го поддржуваат отфрлањето на стриктните стандарди.

Предложените стандарди за моделите на тие возила „ќе им заштедат на потрошувачите десетици милијарди долари на бензинските пумпи, и ќе им помогнат на домашните автопроизводители да останат конкурентни на глобалниот пазар, кој полека се движи кон ефикасни возила,“ кажа за Гласот на Америка, Стив Надел, извршен директор на Американскиот совет за енергетски ефикасна економија.

Но, транзицијата кон автомобили и камиони кои не зависат од конвенционалните фосилни горива, како бензинот и нафтата оди бавно, велат претставници од администрацијата на Трамп и од автоиндсутријата.

„Имаме ниски цени на горивата, едноставно потрошувачите не ги купуваат овие возила“ кои работат на батерии покрај или наместо гориво, кажа официјален претставник на администрацијата пред новинарите во Белата куќа.

Посетата на Трамп во Мичиген вклучува средби со автопроизводителите од Детроит, добавувачите и со синдикатите, а претседателот ќе учествува и на јавен собир на автопроизводителите.

На последниот настан закажан за денеска, претседателот ќе ја објави својата намера да го одложи остварувањето на целта – автомобили кои во просек поминуваат 23,2 километри со еден литар гориво до 2025-та година.

Друга пречка за индустријата и за поборниците за пониски стандарди е што 13 сојузни држави велат дека ќе ја следат Калифорнија во почитување на стандардите за ефикасност на горивата - пазар кој сочинува повеќе од 40 отсто од продажбата на автомобили САД.

XS
SM
MD
LG