Линкови за пристапност

Плати во МПМ дефинитивно нема...


И покрај очекувањата и најавите дека денеска ќе им бидат исплатени заостанатите плати, новинарите во „Дневник„, „Вест“ и „Утрински весник“ останаа со празни џебови. Директорот на МПМ е надвор од државата. Од понеделник новинарите го радикализираат штрајкот

Кризата во најголемата медиумска издавачка куќа во државата „Медиа Принт Македонија“ продолжува откако на новинарите и медиумските работници денеска не им беа исплатени задоцнетите лични доходи како што најави менаџментот.

Директорот на МПМ, Срѓан Керим, не одговори на повиците за да објасни зошто нема плата за вработените како што тој лично најави, а вработените тврдат дека тој заминал на службен пат надвор од државата и дека ќе се врати кон крајот на идната недела.

Новинарите кои речиси еден месец штрајкуваат најавуваат дека од понеделник ќе го радикализираат штрајкот кој сега ќе трае осум часа. Со тоа се доведува во прашање дали воопшто изданијата на МПМ - весниците „Дневник“, „Вест“ и „Утрински Весник“ ќе продолжат да излегуваат.

Според неофицијални информации сметката на МПМ е блокирана од УЈП поради неподмирен долг кон државата. Од УЈП потврдуваат дека се превземени дејства без да прецизираат какви и зошто.

Ако тоа не е доволно и Специјалното јавно обвинителство отвори предистрага околу финансиското работење на МПМ во текот на предизборната кампања а тимови на истражители веќе беа во дирекцијата од каде побараа и добија документација за два предмети кои се во тек.

Штрајкот на новинарите и медиумските работници во МПМ почна по неколкумесечни неуспешни преговори меѓу синдикатот и менаџментот, а му претходеа намалувања на плати, отпуштања и персонални рокади - смени на уреднички тимови и промена на уредувачката политикаво трите весници „Дневник“, „Вест“ и „Утрински весник“. Долгогодишни истакнати новинари и уредници од трите весници беа отпуштени од работа или пак не им беа продолжени договорите, а на нивни места беа донесени нови лица. Тиражот на трите весници има вртоглав пад по смена на уредничките тимови и политики.

Непосредено пред почетокот на штрајкот во МПМ имаше промени во сопствеништвото на куќата. Со компанијата раководеше тројката Орце Камчев, Јана Станисављева и Срѓан Керим. „Орка Холдинг“ на Камчев и „Интернет Инвестмент Груп“ на Станисављева по миниимална цена го продале сопственичкиот удел на фирмитена Керим - Мирекс Плус“ и „Телеграф“.

Штрајкот на новинарите во МПМ го поддржа Здружението на новинари на Македонија и неколку синдикати.

XS
SM
MD
LG