Медиумите јавуваат дека Џон Хантсман кој беше амбасадор во Кина за време на мандатот на поранешниот претседател Обама, ќе биде номиниран од страна на претседателот Доналд Трамп, за прв човек на САД во Русија.
Извори блиски до Белата куќа велат дека Хантсман ја прифатил понудата на Трамп. Хантсман е републиканец, служел како гувернер во државата Јута од 2005-2009-та година, пред да поднесе оставка и да замине на функција во Кина. Исто така тој се кандидира за претседател во 2012-та година. Во својата кариера уште и работел како амбасадор во Сингапур кога Џорџ Буш беше претседател на САД.
Номинацијата на Хантсман доаѓа во време на зголемени тензии помеѓу Вашингтон и Москва. Американската разузнавачка служба ја обвини Русија за хакирање на Демократскиот национален комитет и протекување на компромитирачки е-мајл пораки за да му помогнат на Трамп да ја победи Хилари Клинтон на претседателски избори.
Ваквите контроверзии фрлија сенка врз администрацијата на Трамп, особено со наводите дека неговите клучни луѓе се состанувале со руски официјални лица за време на кампањата.