Линкови за пристапност

Рокот за локалните избори истече, нема кој да ги распише


Според законските регулативи само претседателот на Собранието може да ги распише изборите. Ниту една партија не побара да се свика седница за да се реши ова прашање кое може да ја продлабочи кризата. ВМРО ДПМНЕ повторно побара предвремени парламентарни избори кои би се одржале заедно со локалните

Денеска е последниот термин кога Собранието треба да ги распише локалните избори кои треба да се одржат кон средината на мај, но повеќе од извесно е дека тоа нема да се случи и дека изборите ќе се одложат што уште повеќе ќе ја продлабочи политичката криза во Македонија.

Собранието, односно спикерот, кој според Законите и Уставот е должен да ги распише локалните избори нема да заседава денеска бидејќи воошто не беше свикана седница. Од Државната изборна комисија (ДИК) остануваат на ставот дека тие можат да постапуваат единствено ако претседателот на Собранието донесе акт за распишување на изборите

Новиот состав на Собранието одржа само една седница која ја прекина спикерот Вељаноски. И покрај тоа што СДСМ и ДУИ, заедно со БЕСА и Алијансата за Албанците обезбедија парламентарно мнозинство, се уште никој од нив не побара од Вељаноски да го свика Собранието и на таа седница да се избере спикер и негови заменици кои би можеле да ги распишат локалните избори.

Огромен проблем е што според законските регулативи мандатот на градоначалниците и на советите е 4 години и по неговото истекување, за разлика од министрите, тие повеќе немаат никаква надлежност бидејќи сите права им се суспендирани. Тоа значи дека локалните власти нема да можат да стават потпис ниту за плата на вработените. Новонастанатата ситуација ќе мора секој градоначалник да ја решава на локално ниво а префрлањето на надлежностите на општинските секретари е само една од варијантите.

Одложувањето на изборите ќе повлече измени во Изборниот законик и одредување нов термин за нивно одржување но и измени воЗаконот за локална самоуправа со цел продолжување намандатот на градоначалниците и советниците за кои е потребно двотретинско мнозинство.

Партиите се со различни ставови.

СДСМ бара претседателот Иванов да го додели мандатот на Заев за да се продолжи конститутивната седница и да се формира Влада а потоа би се решаваледругите прашања. ДУИ смета дека локалните избори не треба да се одложат, а Беса и Алијанса за Албанцитесе на ставот дека локалните избори треба да го организира Владата.

За разлика од нив, од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека најдобро решение и излез од сегашната ситуација е исклучиво распишување на нови предвремени парламентарни избори кои би се одржале заедно со локалните.

„На тој начин би се намалиле трошоците, а граѓаните би добиле можност да се произнесат и за платформата од Тирана која им беше подметната после изборите“, велат од партијата.

Од партијата денеска се огласија со соопштение во кое тие уште еднаш потенцираа дека ќе му ја дадат поддршката на Заев за формирање на Влада само под услов да се откаже од Албанската платформа. Според ВМРО ДПМНЕдоколку Заев не го стори тоа ќе формира т.н. „Тиранска влада“.

XS
SM
MD
LG