Линкови за пристапност

СЈО го отвори „Труст“ – тежок 17 милиони евра


Станува збор за тендер на државната ЕЛЕМ за ископ на јаглен и јаловина кој бил доделен на конзорциум со помош на невистинита документација, беше речено на конференцијата за новинарите

Скопје - Специјалното јавно обвинителство (СЈО) отвори нова истрага со кодно име „Труст“ во која се осомничени три фирми и нивните управители и застапници кои со наводно фалсификувани документи го добиле тендерот на ЕЛЕМ за ископ и јаловина и јаглен во Суводол, вреден над 17 милиони евра.

Станува збор за фирмите „Трансмет“ чиј поранешен сопственик сега е сопственик и на телевизијата „Нова“, „Силекс неметали“ чиј правен застапник е син на поранешна пратеничка од редовите на Социјалистичката партија и фирмата „Вато“ од Скопје.

Од СЈО најавија дека за прво и второосомничениот во текот на денот ќе побараат притвор.

Обвинителката Фатиме Фетаи, образложувајќи го случајот изјави дека истрагата била отворена по преслушување на три снимки од кои едната веќе беше објавена во т.н. бомби на опозицијата.

„Со повредување на правилата од тендерот и изигрување на постапката е овозможена заработка од неколку милиони евра. Поднесена е невистинита документација за поседување техничка опрема и кадар, за бараната дробилка, капацитетот на дробилката и договори за поседување опрема“, рече Фетаи.

СЈО вели дека истрагата утврдила оти трите фирми настапиле како конзорциум, а Комисијата за јавни набавки и стручната комисија во ЕЛЕМ оцениле дека конзорциумот ги исполнува условите иако знаеле дека документите биле фалсификат.

„Тие свесно ја нарушиле постапката за јавна набавка и му овозможиле на конзорциумот добивка од повеќе милиони евра“, додаде Фетаи.

Спорниот тендер е објавен во октомври 2011-та година а прислушуваните разговор кои упатиле на криминалот се од август истата година и ден пред распишување на тендерот.

Во т.н. бомба на опозицијата за овој случај можеше да се чујат инструкции кои поранешниот премиер му ги дава на поранешниот директор за тоа кој да ја добие јавната набавка потенцирајќи за колку битни личности станува збор.

Според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации и нивната база на податоци фирмата Трансмет само од ЕЛЕМ и за јавните набавки во РЕК Битола добила тендери во вредност од 61 милион евра.

XS
SM
MD
LG