Линкови за пристапност

Екстремизмот е вкоренет во Македонија и во региoнот


Сиромаштијата, безизлезната состојба и нестабилноста придонесуваат за ширење на радикализмот

Македонија, Косово и Албанија имаат реален проблем со насилниот екстремизам и радикализам којшто има се` повеќе следбеници.Екстремистичките мрежи во Западниот Балкан постојат повеќе од 15 години и опстојуваат само поради надворешниот фактор кој ги финансира и дополнително ги радикализира.Решение на проблемот е широк акционен план кој ќе се спроведе на Балканот и во кој ќе бидат опфатени реформи во легислативата и образованието пред се`.

Ова се дел од заклучоците од конференцијата - „Насилниот екстремизам во Западниот Балкан - надворешни влијанија и локални двигатели“, што се одржа во Скопје, а беше организирана од Универзитетот „Колумбија“ од Њујорк во соработка со Институтот „Макс Ван Дер Штул“ од Универзитетот на Југоисточна Европа, фондацијата „Алијанса на цивилизациите“ од Скопје, косовскиот Центар за безбедносни студии и албанскиот „Центар за добро владеење“.

„Неверојатно е да се чуе дека политичарите од овој регион го негираат постоењето на проблемот. Само од Косово и Македонија официјално се регистрирани над 700 лица кои заминале да се борат на страната на терористичките организации во Сирија и Ирак“, рече Давид Филип, шеф на програмата за градење на мирот и човечките права од универзитетот „Колумбија“.

Тој смета дека политичката криза која веќе две години трае во Македонија, само ги потпалува радикалните структури кои добиваат се` повеќе следбеници.

Експертите во дебатата потенцираа дека надворешниот фактор е пресуден за постоењето и вкоренувањето на екстремизмот и радикализмот во овој регион.Беа посочени неколку организации и држави коишто преку маскирани невладини организации ги финансираат овие струи во Македонија, Косово и Албанија.

Турција преку организацијата ТИКА ги финансира речиси сите радикални организации на Балканот, а финансирањето се прикрива под плаштот на реставрации на верски објекти и отворање на училишта. И Саудиска Арабија има голем удел во ширењето на екстремизмот на овие простори, бидејќи дава огромни средства во рацете на екстремистите.

„Косово е под влијание на Турција и Саудиска Арабија преку надворешните хуманитарни организации кои промовираат радикален вехабизам. Инфицирањето на муслиманското општество на Косово почна во 1999-та година и иако овие донатори не се физички присутни влијанието го шират преку религијата и образованието“, смета професорот Агрон Демјаха.

Цел на радикалите се младите, покажува праксата на безбедносните служби, но и истражувањата. Голем дел од лицата кои се бореле на страната на Исламската држава потекнуваат од средно ситуирани семејства и имаат образование.

„Истражувањата кои ги спроведовме на Колумбија, покажаа дека ниското образование и економската состојба не се главните причини за ширењето на радикализмот. Напротив, религијата и увезените радикални имами кои проповедаат во џамиите се најголемата опасност“, рече Филипс.

Токму затоа, се` почесто на улиците на Скопје, Приштина, Тирана и многу други градови можат да се видат жени кои носат хиџаб и млади мажи кои се облечени по кодот на вехабистичките принципи.

Огромна опасност претставува и стравот на политичарите кои не се одлучни по ова прашање и се обидуваат да го затскријат проблемот.

„Државната власт флертува со религиската власт во регионот.Политичарите флертуваат со екстремистите. Сите се обидуваат да докажат дека тие не постојат. Тоа е грешка што може катастрофално да се одрази“, вели новинарката Арбана Џара од косовоскиот весник „Зери“.

Решението на проблемот не е едноставно, а ако политичарите ескивираат тогаш академската јавност мора да дејствува конкретно.

Експертите сметаат дека искоренувањето на радикализмот и екстремизмот на овие простори е долг и макотрпен процес кој ќе бара многу време и ресурси за да парира на надворешниот фактор односно финансиерите.Првенствено, мора да се фокусира на младата популација на која мора да и` се понудат перспективи, а потоа да се менува легислативата и да се зголеми соработката меѓу безбедносните и разузнавачки служби во регионот.

XS
SM
MD
LG