Линкови за пристапност

Бејли: УСАИД не работи против владата во Македонија


Ambassador Jess Bailey in Skopje US elections 2
Ambassador Jess Bailey in Skopje US elections 2

Американскиот амбасадор смета дека мандатот на СЈО треба да се продолжи и дека нови избори не гарантираат нови резултати и со тоа излез од кризата

Американскиот амбасадор во Македонија, Џес Бејли, е дециден дека УСАИД не работи против владата, и смета дека е потребно да се продолжи на мандатот на СЈО но и дека нови избори најверојатно не би донеле нови резултати и излез од кризата.

„ Дека УСАИД работи за уривање на владата едноставно не е точно. Грантовите не се за поддршка на некоја идеологија или политичка партија, или било што слично. Се работи за создавање услови за активна и здрава демократија . Дозволете ми да ви кажам што ние поддржуваме преку своите грантови на пример за фондацијата “Отворено општество”. Тие менаџираа со грант за “Граѓанско учество”. Што тоа значи? Значи жените во Тетово да работат заедно кон подобрување на родовата еднаквост во нивната средина. Граѓанско учество значи и младината во Велес или Делчево да работи за подобрување и разубавување на својата средина. Значи и жителите на Битола да ги постават прашањата за животната средина и загадувањето на воздухот. Тоа го подразбираме под “граѓанско учество”. И на тоа се однесува грантот на УСАИД“, вели Бејли во интервју за телевизијата „Сител“.

Според американскиот амбасадор, со потпишувањето на договорот за формирање на Специјалното јавно обвинителство никој не бил свесен со колкав материјал ќе се соочи оваа институција а важно е од неа да произлезат факти и токму затоа меѓународната заедница се залага за продолжување на мандатот.

“ Да се вратиме назад и видиме која беше поентата за формирањето на СЈО, а тоа е да донесе одговорност за содржината од наводите кои произлегуваат од прислушуваните разговори. Не сум сигурен дека било кој тогаш беше свесен за обемот на работа со кој ќе се соочи СЈО. Оваа институцијата исто така се соочи со препреки и отежната соработка “ изјави Бејли.

Тој додаде дека е многу важно работата да се заврши до крај и да се утврдат фактите и да се расчистат сомнежите дали и кој вршел злоупотреба.

Американскиот амбасадор смета дека нови парламентарни избори не гарантираат излез од политичката криза бидејќи никој не може да гарантира резултати различни од изборите на 11.декември.

„ Не е мое да одлучам која опција е вистинската. Партиите ќе мора да го направат тоа. Било која одлука, дали да се оди на владина широка коалиција или нови избори ќе бара поддршка од 61 пратеник. Јас како пријател би посочил дека нови избори не мора да донесат поинакви резултати. На „Телма“ пред неколку дена се емитуваше анкета која покажа дека граѓаните не се толку заинтересирани за нови избори. Па сметам дека предизвикот е да се владее со резултатите кои ги имаме и да видиме каде тоа ќе води. Јас не знам како ќе биде но одлуката зависи од Собранието“, рече американскиот амбасадор.

Бејли изјави дека нема став околу платформата на албанските партии бидејќи како странски фактор не се заинтересирани за било која платформа туку дека се фокусирани на реформите во Македонија и враќањето на државата на евроатлантскиот пат но истовремено додаде дека за САД и ЕУ е важно новата влада да работи на исполнување на реформите од Прибе.

Американскиот амбасадор потврди дека одговорил на писмото на конгресмените и дека во одговорот нема податоци кои може да бидат компромитирачки за работењето на Амбасадата а писмото не е објавено во јавноста бидејќи Стејт Департментот не објавува јавно своја комуникација со Конгресот.

XS
SM
MD
LG