Православниот празник Свети Трифун доби сериозна конкуренција во католичкиот Валентин во Скопје и во Македонија. Ако до пред некоја година се чекаше 14 февруари за да се слави со чаша добро вино, сега се` повеќе се слави љубовта на овој ден. Многумина двата празника ги спојуваат во едно - со својот партнер и со вино.
„ На вечера со девојка ми за Валентин а потоа малку да го испочитуваме и Свети Трифун со моите пријатели“, рече Игор кого го затекнавме на Цветниот пазар во Скопје.
Најчест подарок за партнерката е роза, велат од продавниците на пазарот.
„Од година во година с`е повеќе се продаваат цвеќиња, па затоа ги наполнивме продавниците. Младите годинава масовно го прославуваат Валентин. Можете и самите да видите дека на штандовите има најмногу рози, бидејќи тоа се бара денеска“ , изјави една од вработените.
Книгата не е прв избор за подарок, па во книжарите денеска нема врвулица и интерес како во цвеќарите.
За тие што немаат партнер секогаш е тука Свети Трифун.
„ Немам девојка, ама имам другари. Вечер сме во кафеана, а потоа ќе продолжиме некаде низ градот“ вели 22-годишниот Иван од Скопје.
Скопските кафулиња и ресторани се подготвени за вечерашната прослава и во нив речиси да нема место од примените резервации.
„ Кај нас ќе се слави Валентин, а во кафеаните - Трифун. Нема поделеност, така е со години. Наши гости се претежно млади и ние сакаме им излеземе во пресрет“, велат од кафулето „Излет“.
Дел од граѓаните, особено оние повозрасните, сметаат дека празникот на љубовта, католичкиот Валентин, во Македонија се слави исклучиво од помодарство и дека според обичаите, традицијата и религијата денеска треба да се слави исклучиво заштитникот на лозарите и гостилниците.
Како што е и традицијата,денеска во Македонија масовно се закројуваа лозјата. Речиси сите винарски визби организираа прослави по тој повод за според верувањето -да има богат род.