Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска се појави на распит во Специјалното Јавно обвинителство (СЈО) во рамките на веќе отворена истрага каде таа е еден од осомничените. По распитот во Јанкулоска не сакаше да открие за кој предмет е била повикана да одговара на прашањата на обвинителскиот тим но потврди дека не е за наводното незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ за време на изборната кампања во 2014 година, истрага која најчесто се споменува во овој период.
„ Не, не ме прашуваа на таа тема, немам информација кој сведочел, и што сведочел и што кажал впрочем тоа не е моја работа. За она што ме прашуваа јас побарав да ги искористам правата кои ми ги гарантира законот. Јас како правник, личност која што одбрала професија да и биде правото, доследно го читам законот и тој вели дека постапките се тајни, меѓутоа очигледно некој го чита поинаку законот и со оглед на тоа што ве повикале овде мислам дека ќе бидат доволно коректни бидејќи веќе подолго време сте тука да ви соопштат за кој предмет станува збор“ рече Јанкулоска.
Според порaншениот министер, СЈО го загубило кредибилитетот и работи исклучиво за интересите на СДСМ и Зоран Заев.
„СЈО одамна го загуби кредибилитетот да води какви било постапки кои се поврзани со правото меѓутоа го задржа приматот на еден од најистурените организациони делови на СДСМ, односно алатка во функција на СДСМ кога ним им е потребно да постигнат некоја цел, очигледно е дека во моментов, со наближување кон разрешницата на политичката криза, на Зоран Заев му е потребна помош, тука е СЈО да излезе со нешто што би одело во прилог на опозицијата“, изјави Јанкулоска по еден и полчасовниот распит.
Таа додаде дека се појавува на поканите бидејќи СЈО сеуште го смета за државен орган.
Јанкулоска е осомничена во три предмети на СЈО, „Титаник“ – за изборни нерегуларности, „Тврдина“ за уништување на опремата за прислушување и „Тенк“ за набавка на луксузниот автомобил „мерцедес“ за потребите на тогашниот премиер Никола Груесвки.
Претседателот Ѓорѓе Иванов ја аболираше Јанкулоска 14 пати.