УСАИД заедно со две невладини организации започна проект преку кој младите лица кои имаат попреченост ќе можат да се стекнат со знаења и вештини со кои ќе бидат далеку поконкурентни на пазарот на трудот и ќе можат полесно да се интегрираат во македонското општество. Проектот чија вредност е 135 илјади долари ќе трае 18 месеци и во него ќе учествуваат стотина млади кои преку онлајн учење ќе ги надминат бариерите во општеството.
„ Со овој проект се обидуваме да направиме напори кон воведување на нови методи за учење на младите лица со попреченост во комбинација со практично искуство во компании и сакаме да покажеме дека концептот на онлајн учење е реална и остварлива можност за сите млади лица со попреченост кои живеат во земјата и ќе им помогнеме да ги надминат физичките бариери кои ги спречуваат да учат во физички локации“, рече Џејмс Штајн, директор на мисијата на УСАИД во Македонија.
Младите кои ќе учествуваат во овој проект, покрај онлајн едукацијата ќе имаат можност да стекнат работно искуство со пракса во неколку прватни фирми.
„УСАИД поддржа многу организации кои реализираа квалитетни проекти во основното средното и високото образование и поддржаа и бројни иницијативи за посеопфатно интегрирање на лицата со попреченост во општеството и економијата. Македонија направи голем чекор напред во зајакнувањето на социјалната инклузија со ратификување на резолуцијата на ОН за правата на лицата со пореченост.Верувам дека обуките комбинирани со практична работа во компании и поддршка од ментори ќи им овозможат на младите кои учествуваат во оваа програма да добијат вештини со кои ќе ги надминат бариерите кои го ограничуваат нивното учество на пазарот на труд во информатичкиот сектор“ додаде Штајн.
Мисијата на УСАИД во Македонија постои од 1993 година и во овој период има инвестирано над 500 милиони долари за подобрување на квалитетот на живот и транзицијата на Македонија кон стабилна и просперитетна демократија. Приоритетите на мисијата се создавање на работни места, намалување на корупцијата и подготвување на македонските ученици за компетитивност на пазарот на труд.