Линкови за пристапност

Заев бара Иванов да му го додели мандатот за составување на влада


Од кабинетот на претседателот најавија консултации со политичките партии, амбасадата на САД апелираше разговорите да продолжат а ЕУ побара Иванов што поскоро да определи лидер за формирање на влада

Лидерот на СДСМ и опозицијата, Зоран Заев, побара од претседателот Ѓорге Иванов да му го додели мандатот за составување на влада, откако тоа не му успеа на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски.

– Очекувам Иванов да ми го додели мандатот оти се друго би било кршење на Уставот. За сите е јасно дека граѓаните гласаа за промени. На Македонија и е потребна влада што ќе ги обедини граѓаните наместо да ги дели. Потребна е влада која ќе го подобри квалитетот на животот за сите и влада која ќе ги определи стратешки интереси на патот кон ЕУ и НАТО. Ние сме подготвени за формирање на влада која ќе ги спроведе договорите од Пржино и Итните реформски приоритети исклучиво во служба на граѓаните, порача лидерот на СДСМ.

Тој рече дека владата која тој ќе ја предводи ќе гарантира дека сите граѓани без разлика на етничката или верската припадност ќе имаат исти права.

– Едно општество за сите граѓани. Ветивме живот во Македонија и имаме обврска бидејќи можеме и сакаме тоа да го направиме, порача Заев.

Сепак тој не даде прецизен одговор дали доколку го добие мандатот ќе се согласи со уловите на ДУИ и платформата која ја потпишаа партиите од албанскиот блок.

Од Кабинетот на претседателот Иванов кусо соопштија дека чекаат известување од Собранието на РМ дека не е составена влада и потоа ќе почне консултации со сите партии.

„Со оглед на истекот на утврдениот рок во членот 90 од Уставот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија е должно да го извести Претседателот на Република Македонија, дали мандаторот има поднесено програма и предлог за состав на нова Влада“, соопштија од кабинетот на Претседателот.

Амбасадата на САД во земјава денеска соопшти дека го набљудуваат процесот на формирање влада и ги повикаа партиите да продолжат со разговорите за формирање нова влада додавајќи дека САД остануваат партнер на Македонија во тие напори.

Од ЕУ пак апелираа до Иванов што побрзо да определи нов мандатар.

„Знаете дека земјата нема време за губење и во овој поглед очекуваме претседателот, според Уставот, да изврши итна отворена консултација со политичките сили во земјата и брзо да определи лидер за формирање на Влада, кој ќе може да најде заедничко тло за формирање на стабилна, солидна и одговорна коалиција. Како што кажавме претходно, таква коалиција треба да биде што е можно поширока и да се потпира на силен, инклузивен реформски консензус и меѓуетничка соработка. “ изјави Маја Коцијанчич портпарол на Европската Комисија која додаде дека идната влада мора да продолжи со имплементирање на договорот од Пржино и решавање на итните реформски приоритети.

Се очекува денеска Никола Груевски официјално да го извести Иванов дека го враќа мандатот откако не успеа да се договори со досегашниот коалициски партнер ДУИ.

XS
SM
MD
LG