Линкови за пристапност

Рокот тече, ДУИ мора да одлучи дали ќе коалицира со ВМРО ДПМНЕ


Маратонскиот состанок во седиштето на партијата во Мала Речица заврши без договор и ќе продолжи попладне. Денес е последен ден од рокот за составување на Владата и доколку не обезбеди мнозинство Груевски ќе мора да го врати мандатот

Централното раководство на ДУИ, во проширен состав, денеска во 14 часот ја продолжува седницата на која треба да одлучи дали и со кого ќе коалицира за состав на идната Влада. Тие имаат рок од 10 часа да донесат одлука и да му ја соопштат на досегашниот партер ВМРО ДПМНЕ, бидејќи е последен ден и рокот на мандаторот Никола Груевски истекува на полноќ.

Вчерашната маратонска седница не донесе резултат бидејќи дел од раководството на партијата било против коалицирање со ВМРО ДПМНЕ. Сепак ова официјално не го потврдуваат од ДУИ од каде велат дека има „многу аргументи и опции“ кои треба да се исцрпат за да се донесе најдобрата одлука во корист на Албанците и сите граѓани на Македонија.

„Немам одговор со кого ќе бидеме во коалиција. Ги анализираме сите опции за најдобрата одлука во корист на Албанците и за сите граѓани на Македонија без разлика дали се Албанци, Македонци, Срби, Роми или Власи. Дискутираме за сите опции“ истакна Ахмети.

Засега ДУИ останува на платформата која ја потпиша со останатите партии од албанскиот блок во која императив е двојазичноста и продолжување на мандатот на СЈО.

„Се уште не се исцрпени сите аргументи по однос на опциите коишто ги има ставено ДУИ на маса. Консултациите продолжуваат. Полека сите аргументи се сведуваат на утврдување на платформата на ДУИ и условите коишто се поставени така што ќе очекуваме реакција од политичките партии на тие услови што ДУИ ги има поставено. Платформата на ДУИ е инкорпорирана во сеалбанската декларација“, изјави портпаролот Бујар Османи по завршувањето на вчерашната маратонска седница.

Потпретседателите на ДУИ, Теута Арифи и Невзат Бејта пред неколку дена соопштија дека доколку колаицираат со ВМРО ДПМНЕ нема да дозволат во Владата да бидат лица кои се под истрага од СЈО.

Во текот на вчерашниот ден Бејта беше и во седиштето на СДСМ но за што се разговарало не се соопштува од двете партии. Оваа информација ниту ја потврди ниту ја отфрли лидерот Ахмети.

„Јас сум претседател на партијата и знам секој каде се наоѓа и знам што задача сум му дал“, рече тој.

Доколку ДУИ одлучи да коалицира со ВМРО ДПМНЕ нејасно е како ќе се заобиколат клучните услови од платформата на албанските партии, двојазичноста и СЈО,за кои ВМРО се изјасни дека нема да ги прифати.

„За овие две прашања нема да преговараме дури и по цена да не бидеме во владата“, дециден е ставот на ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку денеска падне одлука во Мала Речица за коалиција со досегашниот партнер ,лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар Никола Груевски до полноќ треба да достави до Собранието предлог за владин кабинет и програма за работа а потоа во текот на идната недела би се свикала собраниска седница за избор на новата влада и за избор на претседател на Собранието и негови потпретседатели.

XS
SM
MD
LG