Линкови за пристапност

ДУИ се` уште без одлука за коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ


Портпаролот на партијата Бујар Османи, вели дека ги анализираат сите аргументи, затоа што мора да донесат правилна одлука, оти, како што кажа, најважен е интересот на граѓаните.

Пет часа траеа разговорите на лидерот на ДУИ Али Ахмети, со четворицата потпретседатели околу евентуалното коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ за составување на идната влада. Договор во партијата се` уште не е постигнат.

Портпаролот на партијата Бујар Османи, вели дека ги анализираат сите аргументи, затоа што мора да донесат правилна одлука, оти, како што кажа, најважен е интересот на граѓаните.

„Се разгледуваат сите опции „за“ и „против“, оти знаеме за важноста на оваа одлука. Ситуацијата е деликатна, роковите се кратки, ќе продолжиме и во текот на утрешниот ден со овие консултации. Пред се` ни е интересот на граѓаните и на државата“, рече Османи пред седиштето на партијата во Мала Речица.

Тој додаде дека сè уште не е свикано Централното претседателство на партијата, а тоа ќе се случи кога ќе има предлози за кои треба да се донесат конкретни одлуки.

Неофицијално, раководството на партијата го притиска Ахмети да не попушти во барањата за двојазичност и продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство, за што ВМР -ДПМНЕ отворено најави дека нема да се согласи.

Претседателот Ѓорге Иванов му го додели мандатот за составување на Влада на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој има рок до недела треба да го обезбеди потребното мнозинство од 61 пратеник.


XS
SM
MD
LG