Линкови за пристапност

„Ел Чапо“ екстрадиран во САД


Познатиот мексикански трговец со дрога Хоакин Гузман синоќа пристигна во Њујорк

Мексиканската влада го екстрадираше шверцерот на дрога Хоакин Гузман (Ел Чапо) во САД, кој се соочува со обвиненија за трговија со дрога, убиства и друго.

Доцна во четвртокот Гузман пристигна во Њујорк, и се очекува да се појави пред суд во петок. Њујорк е еден од градовите во неколку американски јурисдикции каде Гузман може да биде суден.

Неговата екстрадиција беше објавена во четвртокот од страна на мексиканските власти кога тој веќе се наоѓал на лет за Њујорк, но притоа не беше објавена неговата крајна дестинација.

Обвинетиот шеф на картелот Синалоа целата измината година се бореше против екстрадирање. Тој бил држен до недоамна во затвор во близина на северниот пограничен град Хуарез. Бил уапсен пред една година, откако по втор пат избегал од затвор.

Гузман избегал од Алтиплано во јули 2015-та година, што многумина го сметаа како срам за владата на претседателот Енрике Пења Нието. Тој успеал да побегне од затвор провирајќи се низ дупка на кабината за туширање во неговата затворска ќелија, која водела во тунел долг 1.5 километар. Бил уапсен шест месеци подоцна во полициска акција во неговата држава Синалоа.

Гузман прво бил уапсен во 1993, пред да избега со помош на затворските стражари во Гвадалахара, во 2001-та година. Тој бил испорачан 13 години подоцна со информации добиени од страна на американските разузнавачки агенции.

Врховниот Суд во Мексико претходно во четвртокот го отфрли предлогот на адвокатите на Гузман, кои бараа запирање на екстрадицијата.

XS
SM
MD
LG