Линкови за пристапност

Али Ахмети не исклучува нови парламентарни избори


Според лидерот на ДУИ, во игра се четири опции за коалицирање околу идната влада, а конкретниот став на партијата ќе биде соопштен по анализирањето на состојбата. "Платформата на Албанците не е услов за коалицирање, но доколку не се прифати подобро би било да има нови избори", смета Ахмети

Коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, коалиција со СДСМ, широка техничка Влада или нови парламентарни избори доколку не биде прифатена заедничката платформа на албанските партии. Ова се четирите опции кои партијата Али Ахмети - ДУИ ги има на располагање.

Ахмети потенцира дека платформата на партиите на Албанците во Македонија не е услов за преговори, туку документ кој треба да го спроведува која било партија од потписничките и додаде дека без прифаќање на платформата на трите партии на Албанците во Македонија, подобро е да има нови избори бидејќи тешко дека ќе се формира влада.

За коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ за која барем неофицијално има голем отпор внатре во партијата, поради реториката која беше користена во предизборната кампања, Ахмети вели дека станува збор за сериозно прашање за кое треба добро да се размисли и анализира.

„ Пред да почнат преговори со ВМРО-ДПМНЕ, треба да биде завршена анализата за тоа во каков правец ќе оди ДУИ и какви позиции ќе има: дали ДУИ ќе влезе во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, дали со СДСМ, дали ќе излезе со понуда за техничка, таканаречена проширена влада како што имавме до 11-ти декември 2016, или пак можеби ДУИ ќе донесе одлука да биде во опозиција. Сите овие опции се отворени“ рече Ахмети.

Тој смета дека нема ништо спорно да се почнат преговори со ВМРО -ДПМНЕ околу составувањето на идната Влада. Ахмети не го коментира последното интервју на Груевски за весникот „Дневник“ во кое тој му испрати јасна порака околу опцијата за коалицирање со СДСМ.

„Не можам да го дефинирам интервјуто иако не е добро. Логично е да почнеме преговори со Никола Груевски, со оглед дека тој го доби мандатот, а ВМРО- ДПМНЕ е партијата која победи на последните избори“, изјави Ахмети.

Битно е да се напомене дека коалициските партнери на ВМРО -ДПМНЕ не се согласија со Платформата на албанските партии и децидно му забранија на лидерот Груевски да ја прифати под било каков услов.

Инаку, за Ахмети, можно е идната влада да ја состават ВМРО- ДПМНЕ и СДСМ без неговата партија а тоа можело да се види преку повиците на според него „таканаречениот“ претседател на државата кој ги повикувал Заев и Груевски да најдат заеднички јазик.

„Не можат ли да се обединат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, па како што направивме ние, и тие да состават заедничка платформа? Тие може да направат коалиција. Таканаречниот претседател на државата, господинот Иванов, ги повикува господинот Груевски и господинот Заев да седнат и да најдат заеднички јазик. Зошто?“ вели Ахмети.

Засега нема најави кога ќе биде првата официјална средба меѓу Груевски и Ахмети на која ќе се разговара за составувањето на идната Влада.

XS
SM
MD
LG