Линкови за пристапност

Груевски: ВМРО ДПМНЕ нема да учествува во прегласување!


Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, се обрати пред присутните членови и симпатизери кои протестираат пред ДИК и порача дека партијата нема да учествува во евентуалното прегласување и нема да ги признае резултатите. Груевски рече дека незаконските одлуки на ДИК ќе може да ги корегира Управниот суд и повика да не се врши притисок врз него.

„Доколку и Управниот суд ги потврди незаконските одлуки на ДИК и со тоа се одземе победата на ВМРО ДПМНЕ и се фалсификува слободно изразената волја на граѓаните ВМРО ДПМНЕ нема да учествува во прегласувањето и нема да ги признае резултатите од тоа прегласување“ изјави Груевски.

Тој го прочита прогласот во четири точки кој денеска го донесе Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ во кој се обвинуваат странските дипломати за обид за фалсификување на изборите. Груевски упати јасна порака дека тој и партијата се повлекуваат од сите идни преговори во кои ќе учствуваат странски дипломати или претставници како што беше Пржинскиот договор.

„ВМРО-ДПМНЕ го напушта форматот на состаноци и преговори со други политички партии во кои учествуваат амбаасдори, посредници или преставници на други држави“, вели Груевски.

Тој најави дека отсега партијата нема да прифаќа хибридни решенија доколку истите ги нема во други земји членки на ЕУ и порача ВМРО ДПМНЕ нема да прифати кантонизација и реформирање на државата под било кои услови.

„Некои амбасадори почнаа премногу да се мешаат во внатрешната политика на земјата, тоа мора да запре. Остануваме отворени за комуникација со сите, но некои кои почнаа премногу да се мешаат во нашата внатрешна политика мора да престанат да го прават тоа. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи понатамошно мешање на амбасадори во внатрешни прашања и бараме да останат во рамките на своите мандати“.

Пред насобраните тој Груевски соопшти дека работата на ДИК се претворила во пародија за што ги обвини странските амбасадори но не посочи кои.

Исто така истакна и дека нема да дозволи, како што го нарече аболицираниот криминалец Зоран Заев да формира влада со фалсификувана победа.

„Ќе се бориме за десоросоизација и јакнење на независен граѓански сектор кој нема да биде под ничија контрола. Ќе се пристапи кон регулирање на областа на финансирање на фондациите и невладините организации по теркот на најнапредните демократии во светот“, додаде тој.

Тој нагласи дека партијата е стратешки прозападно ориентирана, но дека овој проглас е за заштита на демократијата во Македонија.

Амбасадорот на САД, Џес Бејли, денеска беше мета на протестаните кои со транспарент му испратија остра порака „да ги тргне рацете од Македонија“, а истакнати членови и симпатизери на партијата најавија петиција за негово повлекување во САД.

Во врска со синоќешните средби на раководствот на ВМРО ДПМНЕ со странски амбасадори, меѓу кои и Бејли, од партијата преку соопштенија објаснија што се случувало.

Во соопштението се наведува дека на прашањето на амбасадорот Бејли за плановите за понатамошно коалицирање на ВМРО-ДПМНЕ било одговорено дека коалициите ќе зависат покрај од ВМРО-ДПМНЕ и од другите политички партии, кои покрај одлуката која треба да ја донесат внатре во партиите имаат влијание и од други надворешни фактори.

“На прашањето на амбасадорот Бејли за какви надворешни фактори станува збор, се одговори дека за тоа присутните немаат овластување да го информираат” стои во соопштението на ВМРО ДПМНЕ.

“Амбасадорот апелираше дека е добро да се смират страстите на луѓето кои протестираат и праша која ќе е реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на одлуките на ДИК, на што беше одговорено дека партијата не е во можност во моментот да му одговори на тоа прашање. Беше прашано дали ВМРО-ДПМНЕ ќе ги почитува одлуките кои ДИК ќе ги донесе. Беше одговорено дека прашањето е хипотетичко и дека ќе бидат поддржани одлуки кои се во согласност со законот, се вели во соопштението” пишуваат во соопштението.

На состанокот со амбасадорот на Европската Унија Самуел Жбогар било соопштено дека Брисел цени дека изборите биле слободни и фер, имало голема излезност и дека иако имало многу негативни претпоставки во однос на изборите и изборниот ден, сепак имаше мирна кампања и мирен изборен ден. Жбогар додаде дека Брисел повикува на лидерство со цел протестите пред ДИК да не излезат од контрола и изрази загриженост од реториката која се користи од дел од говорниците во демострациите.

" ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека поддржува мирни демонстрации и не поддржува говор на омрза, но дека жали што Брисел и меѓународната заедница не изразуваше ваква загриженост и во претходните две години додека се одвиваа демонстрациите. ВМРО-ДПМНЕ се согласи дека европската агенда треба да е приоритет на новиот Парламент и на новата влада" се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

XS
SM
MD
LG