197 милиони денари или 3,2 милиони евра чинеше предизборната кампања за деветите предвремени парламентари избори покажуваат финансиските извештаи кои партиите ги доставија до Државната изборна комисија. Приходите кои партиите ги пријавија се далеку помали, нешто над 89 милиони денари или 1,4 милиони евра па дупката од 1,7 милиони евра во нивните каси допрва ќе треба да се пополнува.
Најмногу потроши ВМРО ДПМНЕ која според првичните и неофицијални резултати освои и најмногу пратеници. Зад неа е СДСМ кои иако потрошија три пати помалку освоија само два пратенички мандати помалку. Во албанскиот блок ДУИ потроши најмногу а зад него е новоформираната БЕСА.
ВМРО - ДПМНЕ пријавил дека за кампањата за деветите предвремени парламентари избори потрошил 117 милиони денари или 1,9 милиони евра.Приходите на оваа партија собрни од донации се скромни, нешто над 18 милиони денари или 295 илјади евра што е речиси осум пати помалку од потрошеното. Партијата останала со 99 милиони денари помалку во својата каса.
СДСМ пак за предизборната кампања потрошиле досега рекордни за нив 33,9 милионии денари или 553 илјади евра. Меѓутоа сметката на СДСМ останала со позитивно салдо средства бидејќи преку донации и членарина собрале 37,4 милиони денари или 610 илјади евра.
Шесте партии и Коалиции кои успеаа да влезат во Собранието потрошиле три милиони вера или петанесет пати повеќе од петте партии кои останаа без пратеници
Во албанскиот блок четири партии успеаа да освојат доволно гласови за да имаат свои претставници во Собранието. Тука како и по обичај најмногу троши ДУИ. За овие избори тие за кампањата избројале вкупно 22,6 милиони денари или 369 илјади евра. Дупката во сметката кај оваа партија е околу 10 милиони денари или 160 илјади евра.БЕСА исто така имала солиден буџет за оваа кампања и за да ги освојат петте мандати потрошиле - 8,7 милиони денари или 142 илјади евра. Според финансискиот извештај кој е поставен на страната на ДИК, предизборната кампања на Алијансата на Албанција чини нешто над еден милион денари додека ДПА потрошиле двојно, два милиони денари иили 33 илјади евра.
Заедничко за сите партии кои учествуваа на изборите е што најголемата ставка на расходи се рекламите.
За реклами ВМРО ДПМНЕ има потрошено неверојатни 80 илиони денари или 1,3 милиони евра, СДСМ 31 милион денари или 511 илјади евра, ДУИ платиле 20 милиони денари или 327 илјади евра а БЕСА ја минала кампањата со 6,2 милиони денари или нешто над 100 илјади евра кои биле дадени за нивно рекламирање.
Пет партии кои учествуваа на овие парламентарни избори не освоија ниту еден мандат и не влегоа во Собранието на Република Македонија. Најголеми губитници се ВМРО за Македонија и Левица кои во секоја анкета и симулација добиваа барем еден пратенички мандат. Бројките покажуваат дека Коалицијата ВМРО за Македонија имала пети најголем буџет за кампањата а Коалцијата за промени и правда потрошила повеќе од две партии кои имаат пратеници во Собранието . Петте партии губитници во овој изборен циклус пријавиле дека во кампањата потрошиле вкупно 11,6 милиони денари или нешто над 190 илјади евра што е далеку помалку од 185-те милиони денари на партиите кои освоија мандати.