Линкови за пристапност

Изборите завршија со рекорден одзив, првичните резултати околу полноќ


Гласањето за деветите предвремени парламентари избори заврши во 19 часот со редоредн одзив на граѓаните. Од ДИК потврдија дека одзвиот на гласачите е над 70 отсто. Првите неофицијални резултати ДИК ќе ги објави околу полноќ. Изборите минаа мирно со помали нерегуларности и изолирани инциденти.

Досега од околу 35 отсто од пребројаните гласови покажуваат блага предност на ВМРО ДПМНЕ во однос на СДСМ, но сепак сеуште е рано за да може да се прогнозира било што.

„Во моментов пристигнуваат резултатите од општинските изборни комисии. Целосна слика за резултатите ќе ја имаме до полноќ. Како што ќе ги добиваме резултатите, така првичните неофицијални резултати ќе ги објавуваме на интернет страницата на ДИК“, рече Чичаковски.

Атмосферата во седиштето на ВМРО ДПМНЕ е мирна и сите се во исчекување. Тука е присутно комплетното раководство на партијата и голем број на видни и истакнати членови на партијата.

Иво Котевски, портпарол на партијата изјави декаизборите минаале во фер и демократска атмосфера и додаде дека големата излезност се должи на интензивните кампањи на двете партии и деталното претставување на програмите.

Граѓанската асоцијација МОСТ објави дека до 18 часот имало рекордна излезеност, од речиси 73 проценти.

Асоцијацијата објави дека во првата изборна единица излезноста до 18 часот била 71,44 проценти, во втората излезноста била 64 проценти, 3 ИЕ имала 70,31 проценти, додека во ИЕ4 излезноста била 72,95 проценти.Изборната единица 5 имала 62,25 проценти, а најмала излезеност имала единицата 6, со 50,28 проценти.

Според официјалните податоци на ДИК одзивот до 17 часот е 60,36 отсто а досега гласале 1.057.834 гласачи.

Најголем одзив повторно има во четвртата изборна единица – 67, 15 отсто каде од запишаните 282.537 гласачи гласале 183.908. Најмал одзив е во шестата изборна единица каде гласале 143.987 одосно 46,82%. Во првата изборна единица одзивот е 66,38 отсто, во втората 59,76, во третата е 64,89 а во петата изборна единица гласале 58,46 отсто од гласачите запишани во избирачкиот список.

Одзивот до 13 часот 38,43 отсто

Од ДИК соопштија дека процентот на излезеност до 13 часот е 38,43 отсто а досега на избирачките места гласале 598.876 граѓани.

Најголема излезност има во четвртата изборна едница - 39,28% каде веќе се регистрирани излезени 110.121 гласачи. Најмал одзив има во шестата изборна единица - 23,96 отсто или 73.676 лица кои излегле на гласање.Во првата изборна единица досега гласале 112.209 избирачи или 38,35 отсто, во втората изборна единица каде гласале 100.356 граѓани одзивот е 33,67%, во третата изборна единица досега се регистрирани 108.411 граѓани или 38,67% а во петата изборна единица своето право на глас до 13 часот го оствариле 97.365 граѓани или 33,55%.

Одзивот до 10 часот - 9,49 отсто

До 10 часот својот глас го дадоа над 150 илјади гласачи или 9,49 отсто. Најголема излезност беше регистрирана во третата изборната единица- 11,36 отсто а најмала во шестата изборна единица каде своето право на глас го оствариле 5,10 отсто односно 15.680 граѓани.

Гласањето за предвремените парламентарни избори се одвива во шест изборни единици на 3480 избирачки места и ќе трае до 19 часот.

​На изборите учествуваат коалицијата „За подобра Македонија„ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Коалицијата „За живот во Македонија“ предводена од СДСМ, Коалицијата „ВМРО-За Македонија“, Демократската партија на Албанците (ДПА), Демократската унија за интеграција (ДУИ), Коалицијата „За промени и правда“ предводена од Демократскиот сојуз, Партијата за демократски просперитет (ПДП), коалицијата Алијанса за Албанците, Либералната партија (ЛП), БЕСА и Левица.

Во избирачкиот список се запишани 1.784.416 полнолетни државјани на Република Македонија, од кои 230.122 лица се издвоени во посебен извод од списокот.

Број на гласачи по изборни единици ИЕ 1: 295.948; ИЕ 2: 306.471; ИЕ3: 280.727; ИЕ 4: 282.537; ИЕ 5: 290.433; ИЕ 6: 307.817.

XS
SM
MD
LG