Линкови за пристапност

Мирни избори со солиден одзив и минорни нерегуларности


Пет часа од отварањето на избирачките места и почетокот на гласањето на деветите парламентарни избори, избирачкиот процес се одвива мирно беа посериозни инциденти и нерегуларности. Неколку илјади набљудувачи поставени на избирачките места веќе ги доставуваат првите извештаи и информации до невладините „Цивил“ и „Мост“.

Од ОБСЕ, кои имаат распоредено 250 набљудувачи, соопштија дека немаат информации за било какви недостатоци на избирачките места и го најавија прелиминарниот извештај за утре.

„ Се надеваме дека денеска ќе биде мирен изборен ден без проблеми, бидејќи на Македонија и се неопходни овие избори за да излезе од политичката криза која трае две години“ изјави шефот на набљудувачите од делегацијата на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Азај Гулијев, по посетата на Избирачкото место 5 во Гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Скопје.

Од нерегуларностите кои „Мост“ ги нотираше досега, главно станува збор за фотографирање на гласачките ливчиња и агитирање пред и во избирачките места.

Гласачкото место 1.036 во општина Куманово било отворено со 15-минутно задоцнување, а гласачкото место 2.210 во општина Велес со 30-минутно задоцнување поради тоа што немало електрична енергија. Еден гласач на избирачкото место 1.580/1 во општина Радовиш го фотографирал гласачкото ливче со мобилен телефон, а Избирачкиот одбор не забележал и не реагирал. Според „Мост“, избирачкиот одбор и потоа продолжил со толерирање на фотографирање гласачки ливчиња. Гласачко ливче утрово било фотографирано и во општина Ѓорче Петров на избирачко место 2.556, по што била повикана полиција. Како што информира „Мост“, ливчето било изолирано и ќе биде сметано за неважечко.

Одредени неправилности биле забележани и на гласачкото место 1.778, во општина Ново Село, каде едно лице агитирало, а побегнало кога дошла полиција. Пред Основното училиште „Димитар Влахов“ во општина Штип присутни биле неовластени лица кои ги евидентирале гласачите кои влегуваат во објектот. Во гласачкото место 1.849 во општина Струга избирач гласал, па се вратил за да гласа по втор пат. Избирачкиот одбор не му го дозволил тоа, по што била повикана полиција и бил отстранет од гласачкото место. На избирачкото место 2.557 во општина Ѓорче Петров, гласач гласал со вклучена камера на мобилниот телефон, а на гласачкото место 0281 во општина Валандово, гласач бил отстранет бидејќи го фотографирал ливчето. На избирачки места во Неготино и Демир Хисар, член на Избирачкиот одбор кој што гласал на истото место, пред сите јавно изјавил за кого ќе гласа и тоа го сторил пред останатите членови од Избирачкиот одбор. На гласачкото место 2.011, во општина Теарце, едно ливче било откинато од кочанот заедно со серискиот број, за што била известена Општинската изборна комисија.

За одредени неправилности известуваат и акредитираните набљудувачи на „Цивил“ според кои се спроведувал притисок врз гласачите преку телефонски повици од партиските штабови, а била регистрирана и злоупотреба на јавните ресурси, како што бил случајот со возило на „Македонски шуми“ во селото Љуботен.

„Значаен број граѓани, едноставно, нема да успеат да го остварат своето право на глас, затоа што ги нема на Избирачкиот список и затоа што има голем број преместувања на Избирачки места, без навремена и видлива информација“, соопшти „Цивил“.

Според оваа организација, тајноста на гласањето не била загарантирана на неколку избирачки места во Општина Аеродром, а јавна прозивка на гласачите била нотирана во Прилеп.

ДИК соопшти дека до 10 часот утринава, гласале 9,49 отсто од избирачите. Во ИЕ1 излезноста била 11, 05 отсто, во ИЕ 2 - 9,70 отсто, во ИЕ 3 - 11, 36 отсто, во ИЕ 4 - 11, 24 проценти, во ИЕ 5 - 9, 05 отсто и во ИЕ 6 - 5,10 проценти.

XS
SM
MD
LG