Линкови за пристапност

„Знаеш што е подобро“ или „За живот во Македонија“: што ќе одберат граѓаните?


Кампањата се водеше на улиците, плоштадите, медиумите и особено преку социјалните мрежи. Партиите вложија многу, време, енергија и – пари. Оваа ќе биде најскапата во историјата на Македонија.

Аналитичарите и експертите се согласни во едно: немало изненадувања. Нападите и реториката биле очекувани, вели аналитичарот Петар Арсовски.

„Предизборната кампања во Македонија се карактеризираше со високиот влог за политичарите кои учествуваат во неа. Наметнаа високо ниво на политичка тензија во предизборната реторика. Партиите во најголем дел се фокусираат на напади кон политичките опоненти, со ретки исклучоци, и не толку на сопствената програма, иако формално инсистираа на својата политичка понуда“, рече Арсовски за Гласот на Америка.

VMRO DPMNE rally Skopje november 2016
VMRO DPMNE rally Skopje november 2016

Сличен став има и новинарот Гоце Трпковски за кого е трагично што мора да се потенцира дека во текот на кампањата немало инциденти.

„Кампањата помина речиси без изненадувања. Бидејќи сме во некаква предизборна атмосфера од септември, кога почна да тече т.н. стодневен предизборен период согласно Пржинскиот договор, партиите уште од тогаш беа активни и ги отвораа своите адути, па во овие дваесетина дена го видовме речиси истото, само што беше на митинзи. Добро е што и покрај многуте масовни собири немаше инциденти, но жалосно е што тоа воопшто мора да се потенцира“ вели Трпковски.

Федерализација, патриотизам, економија, плати, пензии, правда и суд беа зборовите што најчесто можеа да се чујат од бината и во рекламите.

Petar Arsovski
Petar Arsovski

„Голем дел од учесниците зборуваа за страв и за национализам, додека економијата, за која над 60 отсто од граѓаните се изјасниле дека е најважен проблем, беше минимален дел од предизборниот наратив“, вели Арсовски.

„Главен фокус на ВМРО-ДПМНЕ беа предупредувањата од федерализација. СДСМ се држеше до својот концепт дека државата е во лоша состојба и тие можеле да ја поправат, и дека не работат на поделба, туку на поголема еднаквост во државата. ДУИ и ДПА, соочени со многу голема опасност од разбивање на нивниот 15-годишен дуопол, беа жестоки на националните теми, но мораа да се осврнат и на економските теми, иако истите ги ставаа во етнички контекст - за подобрување на животот на Албанците во Македонија. Разочарува тоа што од дел нови партии на Албанците стигнуваа заканувачки пораки за државата. Од т.н. „трет пат“ каде што има четири листи, дел одеа со пораката дека двете најголеми партии се лоши и затоа треба да се гласа за нив, „другите“, пак, се обидуваа да и бидат конкуренти на опозицијата во борбата против власта“, додава Трпковски.

Мислењата дали кампањата на партии беше валкана и со ниски удари се поделени.

„Не можам да ја наречам кампањата премногу валкана и со ниски удари, најмногу поради потребата на сите партии изборите да поминат регуларно, и високото ниво на мониторинг од меѓународната заедница. Изборниот ден можеме да очекуваме да помине релативно мирно, но изборната атмосфера и фер полето за натпревар секако недостасуваше, и мислам дека тоа ќе се рефлектира на легитимноста на изборниот резултат“, вели Арсовски.

Самото тоа што изборите се доведоа на ниво на „референдум“ односно или-или, за Трпковски е показател дека кампањата била многу валкана.

Goce Trpkovski
Goce Trpkovski

​„Кога изборите добиваат значење на „да се биде или не“, секако дека кампањата била валкана. ВМРО-ДПМНЕ до максимум ги искористуваше можностите да ја нападне опозицијата дека работи против државата и подготвува нејзин распад. СДСМ се бранеше од овие напади и ги напаѓаше своите противници дека ја довеле државата пред колапс“ смета тој.

Економијата, даноците, финансиите, инвестициите, бизнисите, платите и пензиите беа составен дел од предизборието. Таргетираните групи беа различни. За владејачката ВМРО-ДПМНЕ најбројното гласачко тело се пензионерите за кои покрај повисоки пензии партијата на власт најави низа поволности. СДСМ, пак, се фокусираше на младите нудејќи неповратни средства за старт на мали бизниси. Помалите партии се обидуваа да поентираат кај претприемачите и сиромашните кои се широко и големо гласачко тело.

За економистот Бранимир Јовановиќ економската програма на ВМРО- ДПМНЕ е очекувана и предвидлива.

Branimir Jovanovic
Branimir Jovanovic

„Економската програма на ВМРО-ДПМНЕ е во суштина продолжување на економските политики кои тие ги водеа изминативе 10 години. Тоа се оние типични неолиберални политики на рамен данок, на ослободување од даноци и придонеси, на фаворизирање на бизнис секторот. Како и секогаш, и оваа програма е „надградена и проширена“. Така, се предвидува отворање на Меѓународен центар за финансиски услуги - идеја која беше пласирана пред неколку години под името слободни финансиски зони. Предвидено е и отворање на некакви рурални развојни зони, кои ќе добиваат слични даночни ослободувања и повластици. Предвидено е и да се продолжи со зголемувањето на пензиите и на платите во јавната администрација. Единствената мала промена во однос на претходните политики е што во програмата најавуваат фискална консолидација, со цел спречување на растот на јавниот долг. Сепак, морам на истакнам дека тие и претходно имаа вакви слични најави, кои не ги реализираа, заради што оваа мерка за мене не е кредибилна“ вели тој.

И опозициската СДСМ пак ќе има проблем да ги оствари најавените мерки, кажа Јовановиќ.

SDSM Skopje rally december 2016
SDSM Skopje rally december 2016


„СДСМ за прв пат во нивната историја имаат програма која се доближува до вистинските социјалдемократски економски политики. Предвидуваат воведување на гарантиран доход, покачување на минималната плата, воведување на прогресивен данок на доход, амбициозен план за јавни инвестиции во инфраструктурата. Сепак, не предвидуваат прекин на политиките за стимулирање на странските инвеститори, туку напротив, проширување на овие политики и на домашните компании, и не предвидуваат прогресивен данок на добивка. Големо прашање е дали ќе може да се остварат сите мерки ако ги ослободуваат и домашните компании од даноци и ако не се воведе прогресивен данок на добивка“ анализира Јовановиќ.

Дали и колку кампањите допреле до гласачите ќе се види во недела. Последните анкети покажуваат дека овие избори ќе бидат многу изедначени и неизвесни, особено кај двете најголеми партии во македонскиот политички блок каде се очекува да има најмала разлика на освоени пратенички мандати во изминативе десет години.

XS
SM
MD
LG