Линкови за пристапност

Најскапа изборна кампања во историјата на Македонија


Над еден и пол милион евра чини кампањата на партиите и двете коалиции кои учествуваат на декемвриските предвремени парламентари избори. Тие ги доставија финансиските извештаи до Државната изборна комисија (ДИК) а денеска својата анализа ја претстави и „Трансперенси интернешенел“ на Слаѓана Тасева.

Најмногу досега има потрошено ВМРО ДПМНЕ а блиску се и СДСМ кои за разлика од минатите години на овие избори настапуваат со сериозен буџет. Кај партиите од албанскиот блок, ДУИ го држи врвот а зад нив се БЕСА.

Сите партии, според законот се должни, покрај официјалната партиска да имаат и посебна сметка за изборите на која се донираат средствата наменети за кампањата. Оваа сметка партиите ја полнат преку донации и со префрлањето на наплатената членарина од партиската сметка. Меѓу донаторите се луѓе од потесното раководство, членови, симпатизери, граѓани и по некоја фирма. Според доставеното, СДСМ има помал број на донатори кои се далеку подарежливи од оние на ддругите партии а ДУИ највисоки донации има добиено од две фирми. Од 194 донации СДСМ инкасирала 156 илјади евра а ВМРО ДПМНЕ пак од 427 донатори собрале 121 илјади евра. За да се покријат трошоците ДУИ повлекла 1 милион денари од сметката на партијата додека СДСМ ги префрлиле парите собрани од членарина околу 380 илјади евра.

Гледајќи кој колку троши ВМРО ДПМНЕ го држи врвот со потрошени 717 илјади евра. Кампањата на СДСМ досега чинела 321 илјада евра, на ДУИ 87 а на ДПА 7.200 евра според податоците доставени во ДИК.

Од она што е ставено на увид во јавноста може да се види дека сега засега најголемите трошоци се за рекламирањето во медиумите и инетрент поратлите и за митинзите. 462 илјади евра платила ВМРО ДПМНЕ, 289 илјади СДСМ, 77 илјади ДУИ а 6 илјади евра ДПА.

ВМРО ДПМНЕ веќе е во негатива од 600 илјади евра бидејќи потрошиле далеку повеќе од што собрале од донации. Кај другите три партии салдата на сметките сеуште се позитивни а најмногу останато за трошење има кај СДСМ - нешто над 200 илјади евра. Мора да се напомене дека изборните сметки на партиите се отворени и дека донации се примаат до послениот час од кампањата.

Анализа на трошењето направи и „Трансперенси интернешенел“ на Слаѓана Тасева. Бројките до кои дојде оваа невладина организација се блиски до оние пријавените од партиите.

„Ние преку конкретни испитувања на терен дојдовме до овие суми. Морам да напоменам дека станува збор за малку подолг период, односно еден ден повеќе, од оној кој е наведен во извештаите доставени во ДИК“, појасни Тасева.

Според неа, најголемите сомнежи сега засега се околу финансирањето на рекламите на интернет порталите. Испитувањата на „Транспаренси интернешенел“ покажуваат дека 47 отсто од кампањата во медиумите е токму на интернет порталите а сумите кои се исплатени се од неколку илјади до 490 илјади денари, или нешто на осум илјади евра колку што прријавиле Колациите редводени од ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ.

„ Во извешатите 8 партии немаат прикажано расходи за комуникациски услуги односно за мобилните телефони и за превоз и траснпортни услуги што е сериозен пропуст. Исто така 5 партии немаат прикажано колку пари потрошиле за изнајмување на простор и опрема“ рече Тасева.

Интересно е што според анализата на оваа невладина организација СДСМ потрошиле повеќе пари од владеачката ВМРО ДПМНЕ. Така, во извештајот на ВМРО ДПМНЕ доставен до ДИК стои дека преку донации се собрани 7,4 милиони денари а досега се потрошени 43,9 милиони а според „Транспаренси“ трошоците на партијата досега се 55,5 милиони денари додека СДСМ досега потрошиле 58,8 милиони денари или педесет илјади евра повеќе што е далеку повеќе од прикажаните расходи во извештајот поднесен во ДИК.

Од „Траснпаренси“ соопштија дека засега не откриле конкретни примери на финансиски малверазиции на политичките партии во финансирањето на предизборната кампања но затоа посочија на неколку пропусти во нивните официјални извештаи односно ставки кои не се внесени а кои реално се големи расходи.

XS
SM
MD
LG