Линкови за пристапност

Американско-кубанските односи по Фидел Кастро


Знаци за промена на односите со островската држава по изборот на Доналд Трамп

Претседателот Обама го смета отварањето на американските односи со Куба по 50 години на прекин за едно од неговите најголеми успеси во надворешната политика. Тој го посети островот на Карибите во март што беше прва посета на актуелен претседател од 1928. Притоа, тој рече:

„Дојден сум овде да ги закопаме последните остатоци од Студената војна на Американскиот континент“.

Двете држави повторно ги отворија своите амбасади. Туристички бродови сега пристануваат во Куба и има редовни летови на американски авиокомпании до островот. Но смртта на 90-годишниот Фидел Кастро и изборот на Доналд Трамп покренуваат прашања за тоа што ќе се случи сега со американско-кубанските односи. Еве што за ова кажа Келиен Конвеј за телевизијата АБЦ:

„Остануваме цврсти на ставот дека кога ќе отворите нови односи, како што направи претседателот Обама со со Куба и Фидел Кастро, и за последниве неколку години не добивате ништо за возврат, вклучувајќи и неослободување на политичките затвореници, треба да го преиспитате потегот“.

Промената на политиката на Обама беше критикувана и од повеќе законодавци од обете партии, меѓу кои и од Тед Круз, чиј татко е од Куба:

„Се надевам дека ниеден од американската влада нема да оди на погребот на Фидел Кастро. Ние не треба да му оддадеме почит на тиранот“.

Белата куќа не објави дали некој ќе патува во Куба за закопот на 4-ти декември.

XS
SM
MD
LG