Дијаспората во САД нема целосен пристап до дипломатско-конзуларните претставништва, што може да ја намали излезноста на изборите, вели Мето Колоски, претседател на Обединетата македонска дијаспора.
Колоски вели дека засега дипломатско-конзуларни претставништва има само во Вашингтон, Чикаго, Детроит и во Њу Џерси, иако поголемиот број Македонци не живее таму.
Тој смета дека или треба да се отворат повеќе дипломатски претставништва на клучните места, или да се воведе електронско гласање.
„На пример, во некои делови на Охајо треба да возите четири до седум саати за да дојдете до дипломатско-конзуларно претставништво. Мора да се промени начинот на пристап за граѓаните на Македонија, кои се надвор од државата за да може да гласаат“, објаснува Колоски.
Друг проблем, според него, е што со измените на Изборниот закон еден пратеник треба да добие околу 6.500 гласови.
„За жал, досега само политички партии може да кандидираат претставници. Независен пратеник ќе мора да најде 1.000 македонски граѓани да се потпишат за него за да стане независен пратеник“, вели Колоски.
Тој нагласи дека изборите ќе бидат испит за Македонија, по што треба да следат реформи во медиумите, образованието и здравствениот систем.
Сашо Тодоровски, претседател на Синдикатот на професионални дипломати на Македонија тврди дека најголемите злоупотреби и игри во изборниот процес се прават токму со гласовите на дијаспората.
Тој вели дека амбасадата во Париз е последен пример за тоа, каде државен службеник наводно ги убедувал Македонците да гласаат, со цел да спречеле Албанец да биде избран за пратеник од дијаспората.
„Првото нешто што пречи во оваа ситуација е тоа што тој игра на етничка карта, второ е дека се работи за државен службеник кој што користел државни ресурси, и на крај уште и се поврзал со црквата“, вели Тодоровски.
Тој најави таканаречен тивок мониторинг на дипломатските претставништва, а по завршување на изборите и проценка за потенцијална злоупотреба на гласови.
„Не можеме да имаме добверба во резултатите што ќе ни ги понудат тие центри. Дотолку повеќе што од некои минимални бројки како 500, 600 и 700 гласачи, наеднаш бројката скокна на преку 20.000 пријавени луѓе да гласаат“, рече Тодоровски.
Според него, најсилното оружје за спречување на манипулациите е да не се молчи, и да се пријават сите прекршувања во изборниот процес.