Понеделник е денот кога сите партии кои ќе учествуваат на изборите на 11 декември можат да ја почнат својата изборна кампања и предизборни митинзи. Од понеделник, во наредните дваесет дена, низ државата ќе кружат караваните на политичките партии кои ќе се обидат да соберат што е можно повеќе гласови од граѓаните.
Иако сеуште неофицијално, ВМРО ДПМНЕ, традиционално, изборната кампања ќе ја започне со митинг во Охрид. Митингот ќе се одржи на плоштадот или во спортската сала „Билјанини Извори“ а на него ќе се обрати лидерот на партијата Никола Груевски и носителот во петтата изборна единица - Антонио Милошоски.
Опозициската СДСМ годинава тргнува од Прилеп каде е закажан првиот митинг. На граѓаните сигурно ќе им се обрати лидерот Зоран Заев кој е носител на листата во четвртата изборна единица во која спаѓа прилепскиот регион.
ДУИ ќе ги претстави носителите на листите в недела во Спортскиот центар „Борис Трајковски“, а официјалниот почеток на кампањата е во понеделник во кумановско Липково. Иако не е потврдено ДУИ најверојатно сите свои митинзи ќе ги држи во затворен простор.
Коалицијата “ВМРО за Македонија“ ја стартува кампањата од исто така од Охрид, но митингот е закажан ден подоцна, односно во вторник.
Коалицијата „За промени и правда“ почнува во понеделник од скопскиот хотел Континентал.
Од Државната изборна комисија (ДИК) потсетија дека до завршувањето на изборите, односно до 12 декември, е забрането рекламирањето финансирано од држваниот буџет односно од Владата.
„ Од денот на распишување на изборите се до нивното завршување, радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите) не смеат да емитуваат, односно да објавуваат реклами финансирани од Буџетот на Република Македонија, од буџетите на општините и на градот Скопје и на сите други лица на кои со закон им е доверено вршење јавни овластувања“ велат од ДИК.
Дел од партиите учесници во изборите минатата недела официјално ги промовираа своите носители на листи но сепак го испочитуваа членот 69 а каде јасно е наведено што се смета за изборна кампања која смее да почне најрано 20 дена пред изборите односно на 21 ноември. Казната за предвремен старт на кампањата изнесува до осум илјади евра.