Линкови за пристапност

Рокот за пратеничките листи истекува на полноќ


Вечерва на полноќ истекува рокот во кој сите политички партии кои ќе учествуваат на изборите закажани за 11 декември мора да ги достават своите пратенички листи. Досега тоа го сторија СДСМ, Либералната партија (ЛП), ДУИ, ДПА и коалициите „За промени и правда“ и „ВМРО за Македонија“, а се чека само на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека законскиот рок ќе биде испочитуван и дека листите со кандидати и носителите ќе бидат доставени до полноќ. Оттаму нема информација или коментар зошто се чека до последен момент. Неколку изборни циклуси наназад ВМРО-ДПМНЕ последни ги предаваат листите без никаква најава или помпа.

„Листите ќе бидат доставени вечер и секако дека ќе биде запазен законскиот рок. Нема никакви проблеми. Кој се ќе се најде на листите и кои ќе бидат носителите засега не можам да соопштам“, изјави Иво Котевски, шеф на Центарот за комуникации на партијата.

Според неофицијални информации, носителите на листите ќе бидат истите кои беа најавени за изборите кои требаше да се одржат на 5 јуни, а слично е и со кандидатите за пратеници каде се очекува да нема многу изненадувања. Лидерот на партијата Никола Груевски ќе ја предводи листата во првата изборна единица, министерот за надворешни работи Никола Попоски ќе биде во втората, Илија Димовски во третата изборна единица, министерот за здравство Никола Тодоров ќе трча во четвртата, Антонио Милошоски во петата а Влатко Ѓорчев во шестата изборна единица.

Доколку информациите се потврдат, директен дуел меѓу лидерите на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ повторно нема да се случи. Поранешниот премиер Никола Груевски ќе се соочи со поранешниот кандидат за претседател Стево Пендаровски, а Заев пак ќе се бори против Тодоров, но и против лидерот на ВМРО НП, Љубчо Георгиевски.

Она што ја интересира домашната јавност е дали на кандидатските листи ќе се најдат старите и проверени кадри на партијата кои се најдоа во т.н. “бомби“ на опозицијата и потоа се повлекоа од своите функции во Владата. Дел од нив се под истрага од Специјалното јавно обвинителство (СЈО) а против некои веќе се поднесени и обвиненија. Од партијата не откриваат дали Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Елизабета Канческа-Милевска, Зоран Ставревски но и Диме Спасов, кој неодамна беше инволвиран во скандал и заработи неколку прекршочни пријави за двете сообраќајни незгоди што ги предизвика.

Вчера Демократската унија за интеграција (ДУИ) ги достави своите кандидатски листи и ги соопшти носителите. Лидерот Али Ахметиќе биде носител на кандидатската листа во шестата изборна единица и ќе биде во директна битка со лидерот на ДПА - Мендух Тачи. Во првата носител е Артан Груби, а во втората Ејуп Халими. Во третата Нафи Дурмиши, во четвртата Артин Спахиу, во петтата Агим Шаќири, а во седмата Џевдет Спахиу.

Големо изненадување претставува политичкото активирање на поранешниот висок полициски функционер и шеф на тајната полиција Слободан Богоевски, кој во четвртата изборна единица ќе биде носител на листата на коалицијата за промени и правда составена од Демократскиот Сојуз на Павле Трајанов и ФРОДЕМ на Јове Кекеновски.

Минатата недела пратеничките листи ги достави и коалицијата “ВМРО за Македонија“, во која се Достоинство на Стојанче Ангелов, Обединети за Македонија на Љубе Бошкоски и ВМРО НП на Љубчо Георгиевски.

Според законските прописи, кандидатските листи треба да бидат разгледани и потврдени од членовите на ДИК во рок од 48 часа од моментот на доставувањето односно до недела на полноќ. Доколку се констатираат неправилности учесниците во изборите треба да ги отстранат во рок од 48 часа, до вторник на полноќ. Ждребувањето за редоследот на листите би требало да се одржи на 20 ноември.

Вечерва на полноќ завршуваат и роковите за јавниот увид во избирачкиот список, за пријавување на државјаните на Република Македонија за гласање во странство и за обновување на избирачкото право на лицата со спорни записи по последните теренски и административни проверки на Избирачкиот список. Според пресекот на ДИК, заклучно со вчера до 14 часот биле пријавени за гласање 16.720 македонски државјани кои живеат во странство од кои 14.156 се прифатени, одбиени 208, а во обработка се 2.356 апликации.

Избирачкиот список ДИК треба да го потпише на 27 ноември.

XS
SM
MD
LG