Линкови за пристапност

Конгресот ги усвои пратеничките листи на СДСМ


Делегатите на 21-от Конгрес на СДСМ со огромно мнозинство ги усвоија предложените пратенички листи за претстојните парламентарни избори кои ќе се одржат на 11 декември. Во салата на хотелот “Александар Палас“ од присутните 622 делегати, за листата предложена од лидерот на партијата, “за“ гласаа 597, 24 беа “воздржани“ а само еден делегат беше против.

Носителите на пратничките листи во шесте изборни единици се познати. Тоа луѓе од најтесното раководство на СДСМ вклучувајќи го и лидерот Зоран Заев.

Во првата изборна единица носител на листата е поранешниот претседателски кандидат Стево Пендаровски, во втората изборна единица носител е актуелниот министер за внатрешни работи и генерален секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, во третата изборна единицае Љупчо Николовски дополнителен заменик министер за земјоделство, претседателот на СДСМ, Зоран Заев е на чело на четвртата изборна единица, во петтата изборна единица носител е потпретседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска а вошестата изборна единица е портпаролот на партијата Петре Шилегов.

Мало изненадување е што на пратеничките листи не се најдоа координаторот на пратеничката група на СДСМ Горан Сугаревски, и претседателот на Градската организација на СДСМ во Скопје - Софија Куновска која непосредно пред почетокот на Конгресот си даде оставка. Двајцата порано го напуштија Конгресот.

Иако официјално не се објавени, на пратеничките листи ќе бидат Павле Богоевски од т.н. “Шарена Револуција“, Ирена Стефковска, Ивана Туфегџиќ од “Студентскиот пленум “ и професорот Ферид Мухиќ. За кандидатите на коалициските партнери на СДСМ има резервирано места во секоја листа и ќе бидат вкупно околу петанесетина но во ниту една нема да котираат повисоко од петото место. Кој се точно ќе биде на пратеничките листи на СДСМ и на која позиција, на денешниот Конгрес не беше соопштено.

Пред делегатите се обратија носителите на листите во секој изборна единица и порачаа дека се сигурни во победата на 11 декември. Заедничко за нивните говори беа најавите за подобар живот, подобра и посилна економија, повисоки плати, достоинствен живот и борбата против криминалот и корупцијата, особено на сегашната политичка гарнитура.

„Сакам да ви кажам на сите дека, по 11 декември ни во лудило нема да продолжат налудничавите проекти на власта како проектот„Скопје 2014“. Тие сите ќе бидат стопирани, а ќе се направи и ревизија“, изјави Пендаровски.

Носителот на листата во Изборната единица 1, Стево Пендаровскипред присутните порача дека најголемиот пораз на ВМРО ДПМНЕ ќе биде токму тука и изрази сомневање дека нивниот лидер, Никола Груевски, ќе има храброст да се соочи со него.

Последен се обрати лидерот на партијата Зоран Заев, кој рече дека му е драго што ја добил честа да ја води четвртата Изборна единица, каде што се родил и пораснал. Тој рече дека нема да ветува многу , туку само граѓанска и слободна Македонија.

“Дајте ја поддршката за избирачките листи на СДСМ кои го носат поразот на актуелниот авторитарен режим. Пратеничките листи се победнички и се создадени заедно во сојуз со граѓаните, како пример за градење солидарно општество, рече лидерот на СДСМ.

XS
SM
MD
LG