Линкови за пристапност

Еден од најголемите загадувачи на Тетово пред затворање


По вчерашниот истек на последниот зададен рок и решението на Државниот инспекторат за животна средина за престанок на работа на комбинатот „Југохром“, на потег е Владата

Поради непочитување и на крајниот рок, кој истече вчера, за поставување филтри на оџаците, Државниот инспекторат за животна средина донел решение за престанок на работата на комбинатот „Југохром“ од Јегуновце, кое министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети и го пренел на градоначалничката на Општина Тетово. Откако истече законскиот рок за еколошко прилагодување на 1 април 2014 година, пред две години, Владата му постави услов на комбинатот „Југохром“ за прилагодување на еколошките стандарди, и за купување и поставување филтри.

Но, и по вчерашниот истек на последниот зададен рок, генералниот директор на „Југохром“, Васко Скендеровски, изјави во медиумите дека филтер-станицата уште не е изградена поради сложеноста на процедурата за добивање на дозволата за градба и соопшти дека комбинатот побарал од Владата, продолжување на рокот за уште 18 месеци Организациите за заштита на животната средина веднаш реагираа. Тие ја осудија и досегашната злоупотреба на роковите од комбинатот, со тврдење и дека и Јавното обвинителството на Тетово не процесуирало ниедна досегашна тужба против загадувачот – „Југохром“. Според невладината организација „Еко-герила“, молчењето на институициите и нереагирањето на обвинителството, „ја убива надежта дека проблемот со згадувањето со кој се соочуваат граѓаните на Тетово ќе се реши“.

Престанокот на работа на комбинатот во јануари годинава, според раководството, ја загрози егзистенцијата на 350 вработени, етнички Македонци од Јегуновце. И најновата одлука, ќе има сериозни последици за економската ситуација во регионот, а ќе се одрази и на политичката сцена, и врз односите во владеачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, чии кадри се и ресорниот министер и градоначалничката на Тетово. Но, според министерот Амети, и покрај непостоењето согласност на сите засегнати страни, одлуката на Државниот инспекторат е во согласност со законите. И градоначалничката Арифи изјави во медиумите дека престанокот на работа во зимскиот период, кога загадувањето е и најголемо, ќе придонесе за почист воздух во Полошкиот регион.

Но конечната одлука, сепак, треба во чувствителниот предизборен период да ја донесе Владата. Активистите за чиста животна средина, бараат почитување на уставните начела, нулта толеранција за загадувачите и водење сметка за здравјето на граѓаните пред се. Партијата ДОМ, која исто така, имаше поднесено кривична пријава против „Југохром“ до Обвинителството во Тетово, а која била одбиена без образложение, веќе најави дека ако Владата не ги преземе законските мерки и не ги заштити граѓаните, ќе поднесе и нова кривична пријава против комбинатот и неговото раководство. ДОМ потенцираше во своето соопштение - дека не смее да се дозволи „уште 1,5 година безмилосно труење на вработените, но и на илјадници граѓани на Јегуновце, Тетово, Гостивар и околината!“

Тетово, со Скопје и Битола е еден од градовите со најзагаден воздух во Македонија и во Европа. Покрај застарените типови автомобили на улиците, затоплувањето на домовите со горење дрва и депонијата за која со години не се наоѓа адекватно решение, според граѓанските активисти за житовна средина, еден од најголемите загадувачи е и „Југохром“.

На почетокот на октомври, кога се уште не беше почната грејната сезона, во Тетово, на три пати беа измерени вредности за загаден воздух, дури десет пати повисоки од максимално дозволената граница (меѓу 409 и 537 микрограми ПМ честички на метар кубен). Тогаш беше објавена и информацијата дека граѓаните на Тетово, само 46 денови во 2016-тата, живееле во нормални услови во поглед на загаденоста на воздухот, а дури 231 ден, загаденоста на воздухот била над максимално дозволената, со просек од 107,9 микрограми ПМ-честички на метар кубен.

На последните големи протести, кои пред Владата во Скопје, на крајот на минатата година, заеднички ги организираа невладини организации од Тетово и од Битола, активистот Аријанит Џафери, им порача на надлежните: „Заштитете ги фабриките, прочитајте го Уставот и меѓународните конвенции, инвестирајте во нашата иднина, наместо да се враќате во минатото. Ние од Тетово, имаме само едно барање, една порака: ‘Поставете ги тие проклети филтри на ‘Југохром’, па макар, биле и барокни!’ Ние само го сакаме нашиот воздух! И за ова наше право ќе се бориме, за животот, за нашите деца, за нашата иднина. Ќе се бориме до крај!“

XS
SM
MD
LG