Линкови за пристапност

УБК и Јанева во отворен судир за листинзите на прислушуваните телефони


Од Тајната полиција велат дека не им даваат пристап на истражителите на СЈО поради безбедносни причини а од Обвинителството пак се повикуваат на издадените судски налози за одземање на службени документи за сите издадени налози за следење на комуникациите и за пребарување на компјутерскиот систем и податоци кој е причина за блокадата.

Обвинителите од СЈО заедно со Катица Јанева веќе втор ден се во седиштето на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) каде чекаат да бидат исполнети двата судски налози и да им биде овозможен пристап до компјутерската опрема за следење на комуникациите. Од друга страна пак директорот на УБК, Владимир Атанасовски, упорно стои на ставот дека тоа засега не е возможно и дека станува збор за сериозно нарушување на безбедносниот протокол во МВР.

УБК и СЈО и понатаму остануваат на дијаметрално спротивните ставови и меѓусебно се обвинуваат за нестручност и за опструкции.

Последните информаци од УБК се дека случајот мрднува од мртва точка, но дека сè уште има недоразбирања околу пристапот до серверите каде се чуваат информациите за тоа кои телефонски броеви и колку време биле следени од УБК. Единствените двајца службеници кои можат да го сторат тоа, според СЈО, биле во странство и се чека да се вратат во земјава.

Вчера околу 15 часот Јанева со нејзиниот обвинители и истражители се појавија во кругот на МВР и директно се упатија кон зградата на УБК со два судски налози потпишани од судијата во скопскиот Кривичен суд Весна Димишкова. Едниот е за одземање на службена документација за посебните истражни мерки (ПИМ) и книгите за евиденција, а вториот за претрес на компјутерски систем и податоци со кој е дозволено да се изврши претрес и пребарување на специфични и круцијални податоци врз основа на кои ќе се утврди кои броеви биле предмет на следење. Двата се однесуваат на периодот од 2008 година до 31 декември 2015 година.

Истовремено во просториите на УБК дошле и директорот на Бирото за Јавна безбедност (БЈБ) и поранешен министер, Митко Чавков, и дополнителниот замненик министер Оливер Андонов кои ги следат активностите на тимот на Јанева. Уште од самиот старт тие негодуваа што Јанева е придружувана од припадници на специјалната полициска единица „Алфа“ кои се повикани за асистенција и обвинија дека станува збор за партиски притисок.

Обвинителката Ленче Ристоска соопшти дека по првиот судски налог е веќе постапено, односно на увид им била дадена документацијата за ПИМ и книгите за евиденција.

„По едната судска наредба за одземање документација се постапува. Се врши попис на документи, а ќе се одземе и Книгата за евиденција“, рече обвинителката Ристоска.

Проблемот, според СЈО, настанал кога од директорот на УБК бил побаран пристап до компјутерскиот систем и серверите кои инаку не се сопственост на МВР.

„Се убедуваме дека треба да се спроведе судска наредба што е преседан и прашуваме каква порака испраќаат до граѓаните луѓето од УБК кога државна институција не почитува судска наредба и бара изговори зошто судската наредба не може да се спроведе “, изјави Ристоска.

Во меѓувреме полициските функционери повторно одбиваат да им дадат пристап со образложение дека со тоа би се прекинале тековните посебни истрани мерки (ПИМ) односно следења на комуникациите и истражителите од СЈО би виделе чии телефони во моментот се прислушуваат.

„Ќе постапуваме по судската наредба, но таа треба да биде во согласност со позитивните законски прописи. Тоа значи да немаме прекин во спроведувањето на посебните истражни мерки (ПИМ). Судската наредба се однесува на завршени ПИМ, а во посочениот период има и други ПИМ кои се уште се активни“, изјави Атанасовски.

Утрово, со интерна одлука во МВР, беше сменет протоколот за влез во УБК и пристап до информации поради што Јанева и нејзиниот тим мораа да чекаат еден час за да влезат внатре и да ги сменат истражителите кои ноќта ја минаа во згрдата на тајната полиција. Специјалните обвинители биле преместени да работат и на друг кат во УБК, во помошни простории.

XS
SM
MD
LG