Линкови за пристапност

Настава на македонски, албански и турски во училиште во Охрид


Меѓуетничка интеграција во образование во Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:33 0:00

Меѓуетничка интеграција во образование во Македонија

Основното училиште „Братство и единство“ - пример за меѓуетничка интеграција во образование во Македонија

За голем број деца од Македонија јазикот повеќе не претставува бариера за меѓусебна комуникација и разбирање. Во изминатите четири години проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието им овозможи тие меѓусебно да соработуваат и да разменуваат знаења и мислења. Велат, дека научиле и по некој збор од јазикот кој го зборуваат нивните врсници. Помеѓу нив се и Лиза, Љубина и Хасан - ученици во Основното училиште „Братство и единство“ од Охрид.

„Многу сум задоволна што учествував во овој проект. Имав можност да се запознам со деца од други етнички заедници како Македонци или Турци“, рече Лиза Далипи.

„Многу се дружевме. Среќен сум што учам во ова училиште. Научив и неколку зборови на турски јазик“, рече Љубина Божиноска.

„Игравме многу игри и се дружевме многу убаво. Ќе се дружиме и понатаму“, кажа Хасан.

Активностите поврзани со проектот овозможија зближување на ученици од различните етнички заедници од земјава, а учениците од основното училиште „Братство Единство“ од Охрид, каде единствено во Охрид се изведува настава на три јазици, македонски, албански и турски заедно со нивните врсници од други училишта песни и игри го прославија заедништвото.

Стојна Танос, психолог во ова училиште вели дека е потребно е уште многу работа.

„Ние бевме тука едни до други, меѓутоа, не бевме заедно. Не се познававме во доволна мера за да се разбијат одредени предрасуди и стереотипи кои ги има во нашето општество. Ова е еден чекор во еден огромен и долг процес, кој треба да го развиваме и градиме. УСАИД придонесе за сите овие активности и придонесе да се подобри меѓуетничката комуникација. Во изминатиот период имаше голем број на работилници. Имаше билингвални работилници. Имаше заеднички прослави на одредени денови, заеднички екскурзии“, рече Танос.

„Ние сме модел училиште на ниво на цела држава кое покажува како треба да се живее во заедништво со сите националности, рече Муамер Доко, директор на училиштете на „Братство и единство“ во Охрид.

Сафет Балажи од УСАИД - Македонија вели дека проектот кој завршува во декември годинава ги дал очекуваните резултати. Во него беа вклучени сите училишта на ниво на Македонија.

„Мислам дека може да се сложиме дека не можеме да кажеме дека сега се е поправено во таа насока и оти секогаш има многу за работа. Но, од таа точка каде бевме на почетокот на проектот и сега каде што сме сега има голема разлика. Добра работа е што постигнавме добра соработка и со институциите на системот и идејата самите институции и министерството за образование да го присвои моделот“, вели Балажи.

Еден дел од вкупно 5,2 милиони долари за овој проект биле искористени за подобрување на условите за следење на настава во училиштата во Македонија. Во текот на изминатите четири години се реновирале повеќе од 60 училишта преку истата програма.

XS
SM
MD
LG