Херолд Томас Мартин III, од Глен Бурни, Мериленд бил уапсен кон крајот на август, стои во соопштението од Одделот за правда, во кое се наведува и дека тој претходно поминал низ највисока безбедносна проверка.
Весникот „Њујорк Тајмс“ извести дека Мартин е осомничен дека украл компјутерски код наменет за пробивање на компјутерските системи на странски влади како Русија, Кина, Иран и Северна Кореја. Се наведува и дека тој работел за консулатнтската организацијата „Буз Ален Хамилтон.“
Се` уште не е јасно колку слична е оваа ситуација со онаа на поранешниот договорен соработник на Националната агенција за безбедност, Едвард Сноуден, кој украде 1.5 милион класифицирани документи во 2013-та со кои откри детали за неколку тајни американски програми за набљудување.
Одделот за правда не соопшти што сторил договорниот соработник со украдените информации, кои биле пронајдени во пребарувањето во неговиот дом, вклучувајќи и две одвоени складишта.
Ако биде обвинет, Мартин се соочува со максимална казна од една година затвор за неовластено отстранување и држење на класифициран материјал и 10 години затвор за крадење на владина сопственост, велат од Одделот за правда.
Владата на САД поднесе обвиенине за шпионажа против Сноуден, кој се соочува со 30 години затвор ако тужбата биде прифатена. Тој доби азил во Русија.