Линкови за пристапност

Милиќ: Путин поддржува лажни демократски протести на Балканот


Милиќ: Путин поддржува лажни демократски протести на Балканот
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:30 0:00

Русија на Балканот има се` позасилено влијание, но за некои во регионот тоа не е лоша работа, особено во отсуство кохерентен став на Запад за проблемот, вели Јелена Милиќ од белградскиот Центар за евроатлантски студии

Русија со години работи на влијание во политиките на Балканот, и за тоа користи фокусирана кампања, целејќи на главно српски православни заедници, но и пошироко, напиша деновиве весникот Вашингтон пост, поставувајќи го прашањето што можат САД од тоа да научат за да спречат сеење недоверба пред претстојните претседателски избори, што делумно се истражува како широка и тајна руска операција во САД. Начинот на кој дејствува Русија на Балканот во голема мерка е патентиран метод на Владимир Путин, смета Јелена Милиќ, директорка на Центарот за евроатлантски студии од Белград, со која разговаравме на оваа тема, при нејзината посета на Вашингтон.

Центарот со кој таа раководи изминатава пролет објави голема студија за руската “мека” моќ насловена “Широко затворени очи”, поентирајќи дека западната меѓународна заедница одбива да се соочи со фактот дека руското влијание во Србија и во регионот, е повеќе од пропаганда.

Регионот беше на некој каков-таков пат на демократизација и стабилизација, што е најдобар и најевтин начин за напредок, вели Милиќ. Секое вклучување во конфликт или постконфликтни ситуации е прескапа варијанта.

„Но, на Путин му требаа отскочни даски за да покаже дека неговата политика е алтернатива на европските интеграции, дека не е осамен на меѓународен план туку дека има држави кои се воодушевени од она што тој го прави“, вели таа додавајќи дека Србија и некои други помали земји во регионот одлично му помагаат во тоа.

Но Милиќ не ја плаши пропагандата. Таа е повеќе загрижена за користењето на овие држави за легитимизирање на руското присуство на формален начин.

„Ако погледнете, постои мостра, така да се рече. Ненасилни, мирни протести против авторитарни компромитирани режими во насока на демократизација и транспарентност, Путин ги дисквалификува, а лажни побуни на народот, или лажни демократски протести, како што беше во Црна Гора, ги поддржува. Тоа сега го имаме со референдумот во Република Српска. Јас не сум видела некаде во руското законодавство да постои таков слободен пристап кон изјаснување за отцепување територии. Да имаше, Дагестан и Чеченија нема да беа уште таму“.

Путин поддржува процеси кои не’ оддалечуваат од тоа да имаме стабилни влади, стабилни легитимни политички процеси и носители на тие процеси кои можат да носат легитимни политички одлуки, вели таа.

Наместо тоа, , тој бара такви што ќе ја преземат власта на сомнителен начин кои потоа бараат помош, а Русија е тука да помогне. На ист начин како што го легитимизира своето присуство во Сирија, со тоа што таму го повика Асад, додава таа.

Милиќ признава дека ова е време кога Европа се соочува со голем број легитимни предизвици, но вели дека е важно токму сега ЕУ и НАТО да покажат повеќе политичко лидерство во регионот.

„Мора да се запрат недемократските влијанија кои доаѓаат не само од Русија, туку и од Турција. На државите и владите од нашиот регион треба да им се помогне да најдат консензус за политички прашања кои не успоруваат и кои ни преставуваат точки за пенетрација на руското влијание. Србија да ја забрза постапката на нормализација на односите со Косово, а можеби и Македонија да размисли дали прашањето на името претставува еден вид параван за некои недемократски и можеби економски незаконски случувања што придонесуваат за раслојување на општеството. Сето ова подоцна ќе ни биде големо сидро за одење напред. За Босна и да не зборуваме. Сега треба посебно да се промовира, значењето на добри политички системи, долгорочни партнерства и добри вредносни системи за спротивставување на пропаганда и лажни наративи дека Србите и Русите се браќа. Треба да се свртиме кон модерни идентитети на 21-от век и со такви земји и алијанси да ја правиме нашата иднина“, вели Јелена Милиќ од Центарот за евроатлантски студии во Белград.

XS
SM
MD
LG