„Гордејте се со Светата мајка. Вие, верниците кога ќе ви падне духот и ќе се најдете во опасност да ја изгубите надежта, инспирирајте се од оваа прекрасна мајка, која со своето застапништво ќе ви помогне“, рече вчера на светата понтификациска миса во чест на Мајка Тереза, на плоштадот „Македонија“ во Скопје, специјалниот претставник на папата, сараевскиот надбискуп, кардиналот Винко Пулиќ.
По повод прогласувањето за светица на Мајка Тереза, скопјанка по потекло, од поглаварот на Римокатоличката црква, папата Францис, на 4 -ти септември во Ватикан, вчера во Скопје се одржа централната татковинска прослава на која покровител беше македонскиот претседател Ѓорге Иванов, а на која присуствуваа верници, претставници на Католичката црква и на другите верски заедници во Македонија . како и бројни гости од странство.
Обраќајќи им се на присутните, претседателот Иванов рече дека Мајка Тереза „им служеше на сите оние кои страдаат, им даваше надеж на безнадежните и сила на исцрпените… И постојано потсетуваше дека светот не е гладен само за леб, туку уште повеќе за љубов, за признавање, за почитување. Со сето тоа, Мајка Тереза си изгради жив споменик, потраен и повеличествен од сите наши споменици“. Иванов потенцираше дека Мајка Тереза денес „би нè охрабрила да го чуваме највредното нешто што го имаме, највредното што и таа го понесе со себе во Индија, а тоа е нашиот македонски модел на соживот и почитување и прифаќање на различноста. Затоа што само така ќе научиме да живееме заедно со сите наши најдлабоки верски, етнички и идеолошки разлики“.
Скопскиот бискуп и апостолски егзари Киро Стојанов ја прогласи капелата во нејзината Спомен куќа во Скопје за светилиште на Света Мајка Тереза.
Мајка Тереза е родена е во Скопје на 26 август 1910 година како Агнес Гонџа Бојаџиу, а почина во Калкута во 1997. Во 1979 година ја доби Нобеловата награда за мир за помагањето на бедните, болните и унесреќените во целиот свет.
По повод нејзиното прогласување за светица, Обединетата македонска дијаспора цитираше една од изјавите на Мајка Тереза – „Ние мислиме дека тоа што го правиме е само капка во океанот. Но, зарем океанот не би бил помал без таа капка“.