Линкови за пристапност

САД го објавија извештајот за верски слободи во светот


САД се загрижени поради законите против богохулење во исламските општества, се наведува во документот на Стејт департментот.

Законите против богохулење во исламските општества се во спортивност и ги поткопуваат универзалните човекови права, се наведува во денеска објавениот годишен извештај на Стејт департментот за верски слободи во светот.

Споменати се и активностите на владите против сунитските муслимани во Иран, шиитите во Саудиска Арабија и Бахреин, против христијаните во Кина, како и анти-семитизмот во Европа.

Во извештајот за 2015-та година се додава дека организациите како Исламската држава во Ирак и Сирија, и Боко Харам во Западна Африка, и натаму се меѓу оние кои најфлагрантно ги кршат верските слободи во светот.

Во уводниот дел за Македонија, се вели дека согласно Уставот, во земјата е забранета дискриминацијата на верска основа. Воедно, со закон се гарантира слободата на вероисповед и верско изразување. Во Уставот се наведени пет верски групи: Македонската православна црква - Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), Исламската верска заедница на Македонија (ИВЗМ), Римокатоличката црква, Еврејската заедница и Евангелско-методистичката црква. Со истиот амандман од Уставот, и други верски групи можат да побараат регистрација преку Владата, за да бидат признаени и да ги добиваат бенефициите еквивалентни на веќе регистрираните групи. Македонските судови ги одбија апликациите за регистрација на четири верски групи.

Судовите ја отфрлија осудата на поглаварот на самопрогласената Православна охридска архиепископија, Зоран Вранишковски за перење на пари, и наредија ново рочиште. Кусо време пред оваа одлука, Вранишковски беше условно пуштен на слобода по 3-годишна казна затвор за проневера.

Одредени верски групи јавија за фаворизирање на Македонската православна црква - Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) од страна на Владата, како и дискриминација и злоупотреба врз помалите верски групи, стои во извештајот.

Водачот на најголемата муслиманска група во државата, Исламската верска заедница на Македонија (ИВЗМ), се наведува во извештајот на Стејт департментот, Владата илегално прислушувала разговори на лидери на групата.

Бекташката заедница на Македонија (Тетово) пријави злоупотреби од страна на поединци поврзани со ИВЗМ, коишто имале поинаква интерпретација на исламот. Неколкумина поединци пријавиле дискриминација или злоупотреба врз мажи со муслиманска вероисповед кои имале долги бради или врз жени коишто носеле шамии. Имало и неколку случаи на вандализам на гробишта и верски објекти.

Американскиот амбасадор и други претставници на амбасадата на САД во Македонија, имаа средби со владини лица, со претставници на верски заедници во државата и граѓанското општество, на разговори по прашањето за верските слободи. Амбасадорот, во разговорите со виши владини претставници, ја истакна потребата од верска толеранција, а со водачот на Исламската верска заедница на Македонија говореше и за имотниот надомест и справувањето со насилниот екстремизам, се наведува, меѓу другото во годишниот извештај на Стејт департментот за верски слободи во светот.

XS
SM
MD
LG