Линкови за пристапност

Стравување од хакерски напад на гласачките машини


Експертите за киберенетска безбедност предупредуваат дека по упадот во системот на Демократската партија, хакерите можат да одат понатаму

Професионалците за кибернетика кои беа гости на програмата на Гласот на Америка, „Хаштаг“ кажаа дека постои голема веројатност американскиот гласачки систем да биде помеѓу следните цели на кибернетски напад.

Објавувањето на протечените електронски пораки на Демократскиот национален комитет од страна Викиликс предизвика голем срам за партијата и ја принудија конгресменката Деби Васерман Шулц да поднесе оставка од позицијата претседателка на партијата.

Аналитичарот за кибернетска безбедност, Ричард Форно вели дека исходот покажува дека странски хакери можат да остварат политички цели и тоа може да доведе до поголем број напади.

„Мешањето во изборниот и политичкиот процес на државите е класична алатка во разузнавачката и надворешната политика.“ вели Ферно, директор на Центарот за кибернетика при Универзитетот на Мериленд. „Иако ние сме се` поблиску до ерата на електронско гласање, овој напад го обнови стравот дека традиционалните закани постојат.“

Електронските гласачки машини се дел од кибернетскиот простор. Повеќето од американските сојузни држави ќе ги користат за време на ноемвриските избори.

Истражување во 2015-та година на Универзитетот на Њујорк излезе со податок дека 43 сојузни држави имаат машини кои се најмалку десет години стари.

Дали тие можат да бидат цел на кибернетски напад?

Кибертнетските експерти кои учествуваа на годишната конференцијата „Black Hat“ во Лас Вегас мислат дека тоа е возможно.

Една од нив е Тони Гидвани, истражувачки директор во „ThreatConnect“, платформа за кибернетска безбедност која се користи од 1200 компании и организации ширум светот. Таа вели дека веќе имало упад во гласачки систем.

„Тоа го видовме во Украина во 2014-та, каде на три дена пред изборите, Украинската централна изборна комисија беше цел на голем напад, кој се закануваше да го стави под прашање кредибилитетот да се организираат избори,“ вели таа и додава дека „непосредно пред да бидат објавени резултатите од гласањето, бил пронајден злонамерен програм, кој проектирал целосно различни резултати од изборите во кој кандидатот на крајната десница, кој доби само еден процент од гласовите, всушност ќе победеше. Тоа не е научна фантастика, туку веќе видено.“

Некои од американските гласачки машини имаат и хартиени извештаи, во случај да се појави проблем во гласањето. Но да се чуваат информации на хартија може да не биде доволно.

Јонг-Гон Чон, друг посетител на „Black Hat“ вели дека организациите кои сакаат да се заштитат од хакери претходно треба да обезбедат целосно почитување на упатствата.

„Да се заштити целата инфраструктура на организацијата веќе не е одговорност само на безбедносниот персонал – секој има улога која треба да ја игра“, вели Чон кој раководи со тим за киберенетска безбедност повеќе од 20 години.

„Одговорноста е заедничка, без разлика дали користите облак-систем или внатрешен систем на организацијата“,

Една од добрите навики кои ги препорачува Чон е да бидете скептични кога ќе добиете електронска порака со линк, бидејќи тоа може да ве експонира пред хакер.

„Треба да одредите дали е нешто на кое можете да му верувате и дали е прифатливо за вашиот бизнис,“ вели тој.

XS
SM
MD
LG