Линкови за пристапност

Првиот ден на конвенцијата на демократите – во потрага по единство на партијата


Меѓу главните говорници беа првата дама Мишел Обама, сенаторката Елизабет Ворен и поранешниот ривал на Клинтон, Берни Сандерс

Демократите ја отворија својата национална конвенција во понеделник во Филаделфија со намера да ја остават зад себе жестоката сезона на прелиминарни избори со некои од најголемите гласови обединети зад нивниот претседателски кандидат, Хилари Клинтон.

Сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс, кој заврши втор веднаш до Клинтон во демократската трка, кажа дека на државата и` треба лидерство што ги здружува луѓето наместо да ги навредува оние со латино-американско потекло, Муслиманите, жените, Афро-Американците и ветераните.

„Додека Доналд Трамп е зафатен со навредување на една или друга група, Хилари Клинтон сфаќа дека нашата разноликост е една од нашите најсилни страни“, рече Сандерс.

Тој зборуваше како неговата кампања успеала да ја натера Демократската партија да прифати неколку од неговите предлози, вклучувајќи реформа на Вол Стрит и на финансирањето на кампањите, и опонирање на трговски договори како Транс-пацифичкото партнерство. Сандерс изрази разочарување за тоа како излегол процесот на номинирање, но кажа дека Клинтон „мора да стане следниот претседател на САД“.

Трамп го критикуваше Сандерс на Твитер, велејќи дека „тотално се продал на Клинтон“ и дека неговата кампања била „губење време“.

Сенаторката од Масачусетс Елизабет Ворен кажа дека Трамп и неговата кампања прифаќаат моќните да останат на врвот, исто како и расната омраза и напади на жени и имигранти.

„Сме виделе грдотија и порано, и нема да дозволиме да станеме Америка на Доналд Трамп полна со омраза. Ниту сега, ниту никогаш ", рече таа.

Првата дама Мишел Обама предизвика големо одушевување кога зборуваше за важноста на оние кои служат во Белата куќа како модел за децата во државата, велејќи дека „нашите зборови и акции се важни“ и дека таа верува оти Клинтон е единствената личност квалификувана да биде следниот претседател.

„Сакам претседател што бил во јавна служба, некој чија животна работа покажува на нашите деца дека не бркаме слава и богатство за себе, туку дека се бориме на секого да му дадеме шанса да успее“, рече Обама. „Сакам претседател кој ќе ги учи нашите деца дека секој во оваа држава е важен“.

Таа неколку пати направи алузии на Трамп без да го спомене неговото име.

„Не дозволете никому да ви каже дека оваа држава не е добра, дека на некој начин ни треба некој што ќе ја направи голема и силна повторно. Зашто оваа, во овој момент, е најголемата и најсилната држава на планетава“, рече таа, зборувајќи против слоганот на кампањата на Трамп „Да ја направиме Америка повторно голема“.

XS
SM
MD
LG