Линкови за пристапност

Безбедноста во Авганистан високо на агендата во Варшава


Другите теми за кои лидерите на НАТО ќе разговараат се пораз на милитантите од ИСИС и одвраќање на руската агресија

Претседателот Обама објави дека ќе го забави повлекувањето на американските трупи од Авганистан, оставајќи 8.400 војници до крајот на годината, наместо 5.000 колку што беше претходно планирано. Тој кажа дека одлуката ја донел, мислејќи на следниот претседател на САД:

„Во јануари следниот американски претседател ќе ја преземе најсериозната одговорност како врховен командант, безбедноста на САД и американскиот народ. Одлуката која ја донесев денеска обезбедува мојот наследник да има основа да продолжи со напредокот во Авганистан и да се справи со евентуалните закани од тероризам“, кажа Обама.

Аналитичарите велат дека лидерите на НАТО во Варшава ќе бараат стратегија за помош на Авганистанците во решавањето на натрупаните проблеми, како што се лошата економија, мировните разговори со Талебан и се поголемиот број на жртви во земјата.

Во меѓувреме, германската канцеларка Ангела Меркел, во говор пред германскиот парламент призна дека руската агресија во Украина ја нарушилa довербата во НАТО во Источна Европа:

„Акциите на Русија во украинската криза длабоко ги вознемирија нашите источни соседи. Тие се длабоко вознемирени и потребна им е јасна гаранција од Алијансата“, рече таа.

Меркел додаде дека постои согласност меѓу НАТО партнерите дека одржлива безбедност во Европа може да биде постигната само заедно со Русија, не против Русија.

Во напор да се зацврсти довербата и да се помогне во капацитетите за одвраќање на НАТО во Источна Европа, американските власти објавија дека САД, Велика Британија, Германија и Канада планираат да водат ротационен баталјон на НАТО кој би бил стациониран на источното крило.

XS
SM
MD
LG