Линкови за пристапност

ФБИ: Клинтон била невнимателна, не препорачуваат кривична пријава


Според директорот на ФБИ Џејмс Коми прекршокот бил ненамерен

Директорот на Федералното истражно биро Џејмс Коми кажа дека не препорачува кривична пријава по деталната истрага за користењето на приватни сервери за електронската пошта на Хилари Клинтон во времето кога таа беше државна секретарка:

„Јавните обвинители одмеруваат повеќе фактори пред да одлучат да поднесат пријава. Има очигледни заклучоци, како силината на доказите, посебно во однос на намерата. Одговорните одлуки исто така се земаат во предвид во контекст на дејствата на лицето и како се постапувало по слични ситуации порано. Навраќајќи се назад кон нашите истраги за погрешно постапување и отстранување на класифицирани информации, ние не можеме да најдеме случај со кој би поддржале покренување на кривична пријава по тие факти.“

Но Коми додаде дека истрагата утврдила дека Клинтон и нејзините соработници биле невнимателни со класифицираните информации во време кога биле испратени, и има докази за потенцијални прекршоци.

Тој кажа дека е утврдено дека во 110 електронски пораки во 52 дописки содржеле класифицирани информации во времето кога биле испратени, некои од нив класифицирани како строго доверливи, но според него прекршокот не бил намерен.

За време на настан во Северна Каролина, републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп кажа дека заклучокот на ФБИ е „скандалозен“

„Не знам за вас, но јас отсекогаш чувствував дека Хилари Клинтон ќе избега од кривичните пријави за нејзиното незаконско и опасно однесување. Јас отсекогаш знаев и согледував, и навистина е жално, но нашиот систем е изместен. Целосно изместен. Корумпиран и целосно изместен.“

Клинтон објасни дека користењето на електронска пошта на приватни компјутерски сервери, наместо нејзината службена пошта која се наоѓа на владин сервер било од причина што таа сакал нејзината приватна кореспонденција да остане на безбедно.

Коми наведе дека постои можност непријателски актери да оствариле пристап до нејзината електронска пошта.

Аналитичарите велат дека користењето на ваквите сервери било по небезбедно отколку користењето на владините.

XS
SM
MD
LG