Денес се одбележува 72-та годишнина од сојузничката инвазија на 80 километарскиот брег на Франција, која помогна за пораз на нацистите во Втората светска војна.
На 6 јуни, 1944 година, околу 160.000 сојузнички трупи со помош на падобранци или преку морски пат се истоварија на плажите на Нормандија, најголемиот десант во светската историја. Иако на тој ден загинаа околу 4.500 сојузнички трупи, операцијата подоцна доведе до победа на сојузниците во Европа.
Во операцијата учествуваа повеќе од 5.000 бродови и 13.000 летала.
Операцијата започна нешто по полноќ со учество на падобранските единици, а рано утрото илјадници сојузнички сили се истоварија на брегот, наидувајќи на жесток германски отпор.
Тогашниот врховен командант на сојузничките сили во Западна Европа, а подоцна и американски претседател Двајт Ајзенхауер, операцијата ја нарече витешка во која „ние нема да прифатиме ништо помалку отколку целосна победа.“