Во протечените информации од извештајот на главниот инспектор на Стејт департментот на САД стои дека Хилари Клинтон не ги следела упатствата кога го користела приватниот сервер за електронска пошта, во времето кога ја извршуваше функцијата државен секретар.
Извештајот требаше да биде објавен денеска, но неговата содржина протече до новинарите ден порано.
Високи официјални претставници од Стејт департментот велат дека немаат докази дека Клинтон побарала одобрение за користење на нејзиниот личен е-мејл за службени потреби и дека ако таа тоа го сторела, одговорот би бил негативен.
Службените лица би требало да ги користат владините е-мејл адреси, од безбедносни причини, но и поради федералните задолженија за водење на евиденција.
Во извештајот се испитувани начините на електронска комуникација на сегашниот секретар на САД Џон Кери, како и неколкумина претходници на Клинтон, вклучувајќи ги Кондолиза Рајс, Колин Пауел и Медлин Олбрајт. Наведени се долгогодишните проблеми во рамките на одделот, со посебен акцент на користење на приватниот систем на Клинтон.