Линкови за пристапност

ВМРО - ДПМНЕ достави листи


Во исто време највисоките органи на владејачката партија го поддржаа преговарачкиот тим за излез од политичката криза

ВМРО - ДПМНЕ ја остави отворена можноста да учествува на предвремените избори на 5-ти јуни, иако на нив нема да партиципираат опозицискиот блок на СДСМ како и ДПА на Тачи, но ниту коалицискиот партнер на Груевски, Ахмети и неговата Демократска унија за интеграција. Доцна синоќа, 15-тина минути пред полноќ кога истекуваше рокот за поднесување кандидатски листи владејачката партија ги достави кандидатурите за пратеници до ДИК.

„Има вкупно 123 предлог кандидати, имаме кандидати во сите 6 изборни единици и од тие кандидати 49 се жени, 74 се мажи. Централниот и Извршниот комитет на партијата одлучија да го поддржат нашиот преговарачки тим за излез од оваа криза “ – рече Владимир Нелоски, претседател на Унијата на млади сили на ВМРО - ДПМНЕ

Носители на листите се Никола Груевски, Никола Поповски, Илија Димовски, Никола Тодоров, Антонио Милошоски и Влатко Ѓорчев. Забележливо е отсуството на некои од актуелните и поранешни министри кои во изминатите изборни циклуси беа дел од првиот партиски ешалон - Зоран Ставревски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкуловска, Нелоски не даде Зошто конкретен одговор.

„Не би навлегувал во содржината на нашите листи. Во однос на личностите што ги споменавте, тоа се само личности политички обвинети од СДСМ, кој во отстуство на идеи, се обидува да ги оцрни нашите членови на раководството“ – изјави Нелоски.

Немаше прецизен одговор ниту на прашањето дали поднесувањето на листите значи дефинитивно дека ВМРО-ДПМНЕ и нејзината коалиција од помали партии ќе оди на избори на 5-ти јуни.

„Во однос на одржувањето на изборите, ние како ВМРО - ДПМНЕ кажавме дека условите се исполнети, но ВМРО - ДПМНЕ не ги одржува изборите, туку тоа е Државната изборна комисија“ – кажа Нелоски.

Освен коалицијата предводена од ВМРО - ДПМНЕ, листи поднесоа само уште две мали партии: Социјалдемократската партија на Македонија и Народно движење за Македонија.

XS
SM
MD
LG