Линкови за пристапност

ЕУ најавува санкции за Македонија


По неуспехот на иницијативата за разговори во Виена

Европската комисија и европските пратеници , медијатори во процесот на решавањето на македонската политичка криза го потврдија неуспехот на иницијативата за разговори во Виена и најавија последици за Македонија во процесот на европските интеграции.

Комесарот Хан и пратениците Вајгел, Кукан и Ховит соопштија дека по неуспехот да се одржи средбата во Виена судбината на Македонија е во рацете на македонските политичари. За нив одлуката на претседателот за аболиција е кршење на договорот од Пржино кој беше во насока и услов за одржување на фер и демократски избори со кој би се надминала кризата.

„Како комесар на ЕУ и медијаторите од Европскиот парламент, жалиме дека лидерската средба планирана за 22 април во Виена не може да се одржи. Целта на оваа средба беше да и се помогне на земјата да најде пат напред во примената на договорот од Пржино со учество на сите потписници на договорот.

Постојаните проблеми со владеењето на правото во Скопје, кои ги нарушуваат договорот, мораат без одлагање да бидат решени. Тоа се однесува пред се на неодамнешната амнестија на претседателот и чекорите што итно треба да се направат за подготовка на кредибилни избори кои ќе бидат признаени од меѓународната заедница.

Ние остануваме цврсто определени и стоиме на располагање за да им дадеме помош на партиите. Сепак, подвлекуваме дека одговорноста за демократски напредок и прогрес во евро-атланскиот пат лежи кај партиите, во име на граѓаните на нивната сопствена земја. Сега е нивни ред да го реализираат и да го дефинираат патот кој води напред, се вели во заедничкото соопштение на Европската комисија и европските пратеници.

Понатаму тие во својата изјава најавуваат последици за државата поради актуелниот развој на настаните.

„Постојано повторуваме дека нарушувањето на договорот од Пржино ќе има сериозни последици за земјата. Длабоко жалиме поради ретроградните чекори кои ја туркаат земјата надвор од нејзините аспирации за влез во Европската унија.

Поради отсуство на било каков прогрес, ние ќе мораме да констатираме понатамошни акции, за да се реализираат јасните барања на Европскиот совет, Европската комисија и Европскиот парламент, се вели во изјавата во која на крајот се изразува поддршка за мирните протести

„Исто така ги имаме на знаење изјавите и акциите на граѓанското општество во земјата и ја даваме нашата целосна поддршка за сите мирни напори за да се обезбеди плурализам и слобода на мислење, централни вредности на сите европски демократии“, стои во изјавата на Комесарот Хан и евро-пратениците Вајгл, Кукан и Ховит.

XS
SM
MD
LG