„Дали Македонија е подготвена за фер и предвремени избори на 5-ти јуни“ – на ова прашање двајцата претставници на меѓународната заедница, во разговор за Алсат во Македонија не даваат јасен одговор.
Клучниот амбасадорски двоец во креирањето и имплементирањето на договорот од Пржино Џес Бејли и Аиво Орав, кој пред месец и половина, нотираше дека во земјата нема услови за предвремени парламентарни избори во април, сега во пресрет на среда на полноќ кога треба да стапи на сила одлуката за распуштање на Собранието, воздржано упатуваат одговорите да ги кажат институциите и граѓаните.
Амбасадорите на САД и ЕУ не сакаат да даваат претпоставки за степенот на подготвеност за избори врз основа на сработеното во изминатиот месец и половина во делот на трите услови: прочистување на избирачкиот список, медиумска реформа и притисок врз гласачите и јавната администрација.
„Нема да претпоставувам. Тоа што ние ќе го направиме е дека ќе бидеме пријатели на оваа земја и ќе помогнеме процесот да се движи напред. Помагаме преку нашите програми за поддршка. Ние ќе издвоиме области на загриженост низ тој пат и ќе бидеме искрени околу тоа. Тоа е она што можам да го претпоставам дека ќе се случи. Одлуките, одлуките за тајминот, тие се на македонските институции да ги донесат, на Парламентот особено“ – вели амбасадорот на САД Џес Бејли.
Тие велат дека се свесни оти некои од клучните елементи на договореното во Пржино се делумно, или минимално, имплементирани, но нивните проценки се дека ако се сака и ако се има волја работите може навреме да се завршат.
„Би сакал денот по изборите да го видам како добар, дека оценката ќе биде добра, дека не се случило ништо погрешно. При подготовката на договорот од Пржино, како и при имплементацијата видовме дека работите малку се оддолжија. Но, исто така видовме дека работите можат да се завршат и многу брзо, ако се има политичка волја. На два и пол дена до распуштањето на Парламентот, се` уште има време да се направи нешто. Потоа, ќе има прилично многу време до изборите, ... ако постои волја, кај политичарите, и кај народот“ – вели амбасадорот на ЕУ Аиво Орав.
Двајцата амбасадори ги повикаа политичките лидери да ја поддржат работата на специјалното обвинителство кое во изминатиот период се соочува со низа пречки во работата. Бејли и Орав очекуваат посветеност и спроведување на договореното во Пржино во чија суштина меѓу другото е низ кредибилни и фер избори враќање на довербата на граѓаните во државните институции.