САД нема да го сменат партнерскиот однос кон Македонија, но може да не` стават подолу во нивната агенда доколку нема позитивна разрешница на политичката криза и одржување на фер и демократски избори. Ова е оценката на професорот по меѓународна политика на Универзитетот Американ колеџ во Скопје, Стево Пендаровски, кој инаку беше претседателски кандидат на СДСМ на последните претседателски избори во Македонија.
„И Пржинскиот договор и се` што е битно наназад во поновата македонска политичка историја минимум како ко- спонзори се САД. И ако тие не` стават на својата маргина, а имаат многу побитни работи за решавање во светот од македонската политичка криза тогаш нема да биде добро, бидејќи во нив реално имаме искрен пријател и помагач за излез од овие спорови. Македонија не е апсолутен приоритет за САД, но Македонија не е сосема небитна држава за САД. Тоа е така без разлика кој ќе биде во Белата куќа“, рече Пендаровски.
Шпетим Положани, политички аналитичар и претседател на Здружението на политички затвореници Албанци во Македонија, смета дека не решавањето на политичката криза ќе се одрази врз македонските евроинтеграции.
„Бидејки ние се докажавме дека сами нема да можеме да ја решиме кризата со една политичка помош и со едно проативно притискање од меѓунродниот фактор, јас мислам дека ќе се реши оваа политичка криза. Јас мислам дека кај нас треба да се притиска на носење на еден закон за декриминализација да не се чуваат под маса разни обвиненија за разни кривични дела“.
„Ако немаме како прв чекор фер и демократски избори, а понатаму и други реформи што се нужни според Прибе рапортот ние можеме само да сонуваме за евроатланските интеграции“, додава Пендаровски.
Во однос на избирачкиот список кој е еден од предусловите за одржување на демократски избори, Пендаровски вели дека истиот бил во катастрофална состојба бидејќи бил занемаруван со години. Вели дека времето е кратко за да истиот се пречисти до 5-ти јуни.