Линкови за пристапност

Говорот на омраза во Македонија не се казнува


Не се бираат зборови и навреди, говор на омраза слободно се употребува, дури и тогаш кога очигледно поттикнува на насилство. Виновни се институциите што не го санкционираат, велат познавачите.

Се пожестока е употребата на говорот на омраза во медиумите, пред сè на интернет порталите и социјалните мрежи во последните денови. Говор на омраза има за сè и сешто. За политичката припадност, против специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, за бегалците, а последно цел на говор на омраза беа и терористичките напади во Брисел, како и новинарите кои се критички настроени кон власта. Не се бираат зборови и освен навреди се повикува и на линч и насилство кон одредени личности. Најгласни во говорот на омраза се оние кои важат блиски за власта, но на ист начин им возвраќаат и засегнатите личности.

Посебно кога станува збор за луѓе блиски до власта и кои што го користат говорот на омраза во функција на власта и нејзина заштита. Во таквите случаи едноставно тие стануваат недопирливи и правосудните органи, јавното обвинителство, судовите па и полицијата воопшто не реагираат.
Мирјана Најчевска, универзитетски професор.

„Мислам дека засилениот, но и континуираниот присутен говор на омраза се должи најмногу на две нешта. Прво на многу ниското ниво на политичка и социјална култура која во нашето општество не се негува на ниту едно ниво од образованието, ниту пак она што претставува секојдневното однесување и живеење“, вели професорката Мирјана Најчевска, според која втората причина, која е исклучително важна е и неказнивоста на оние кои го практикуваат говорот на омраза. Во последниве години, како што наведува Најчевска, се покажало дека говорот на омраза може слободно да се употребува, дури и тогаш кога очигледно поттикнува на насилство или предизвикува насилство без никакви санкции.

„Посебно кога станува збор за луѓе блиски до власта и кои што го користат говорот на омраза во функција на власта и нејзина заштита. Во таквите случаи едноставно тие стануваат недопирливи и правосудните органи, јавното обвинителство, судовите па и полицијата воопшто не реагираат. Да не зборуваме за оние квази независни регулаторни тела кои што по својата функција би требале уште во зачеток да реагираат на ваквите случувања“, вели Најчевска.

Претседателот на Комисијата за жалби во Советот на етика во медиумите, Мирче Адамчевски додава дека говорот на омраза во Македонија е законски регулиран и претставува кривично дело.

„Проблемот е што кај нас обвинителство не си ја врши својата работа. Тоа треба да биде по допрен глас или било како да се покрене истрага и обвинителен акт и тие што го шират говорот на омраза да си добијат она што го заслужиле според законот. Нема друго решение“.

Според законските одредби кои стапија на сила пред две години се предвидува казна затвор од една до пет години за секој што ќе предизвика или ќе разгори омраза, раздор или нетрпеливост, врз некоја дискриминаторска основа.

Марија Митевска, Радио Слободна Европа

XS
SM
MD
LG