Линкови за пристапност

Амбасада на САД: „Ова не помага во градење на граѓанска доверба во системот“

  • Синиша Станковиќ

Реакција по повод одлуката на Уставниот суд на Македонија; Иванов вели немал намера да помилува криминалци

„Институциите градат доверба преку транспарентност и придржување кон утврдените процедури. Се чини дека Судот постапува спротивно на своите процедури“, се вели во реакцијата од Амбасадата на САД во Македонија, во врска со одлуката на Уставниот суд за укинување на измените на Законот за помилување, со кои претседателот на државата доби право да помилува и обвинети за изборен криминал.

Според амбасадата, без преседан е брзината со која Уставниот суд делувал и нетранспарентното разгледување на иницијативата. „За жал, многумина во Македонија го толкуваат тајмингот и затворената и експедитивна природа на одлуката на Судот како продолжување на неказнивоста за изборни злоупотреби. Ова не помага во градење на граѓанска доверба во системот“, се вели во реакцијата на Амбасадата.

На одлуката на Уставниот суд реагираше и ЕУ. Портпаролката на еврокомесарот за проширување Маја Коцијанчич, изјавила дека „сега, кога кривичните дела поврзани со изборите можат да се амнестираат, моќта за таквата одлука ќе биде во рацете на актуелниот и идните претседатели на државата. Очекуваме оваа алатка да се користи во насока на зајакнување, а не на заслабнување на демократијата“

По жестоките реакции и протестите во македонската јавност, се огласи и самиот претседател Ѓорге Иванов, кој им порача на граѓаните дека нема намера да помилува лица кои се обвинети за разни кривични дела

Откако Уставниот суд неделава му ги врати ингеренциите и правото за аболиција, Иванов порача: „Ни на крај памет не ми паднало и не ми паѓа да помилувам педофили, наркодилери, силеџии на избори, терористи и екстремисти... Како и досега, ќе го правам исклучиво она што е исправно и она што е во интерес на државата“, дециден е Иванов.

Претседателот на СДСМ и лидер на опозицијата Зоран Заев денес во Велес, на средба со граѓаните, му порачал на претседателот Иванов „да не му падне на памет да аболицира изборни криминалци“.

„Стотици илјади гласачи се спорни. За тоа Груевски даде оставка. ... Иванов треба да даде оставка и Македонија да добие легитимен претседател на државата кој ќе работи во интерес на сите граѓани на Република Македонија“, побара Заев.

XS
SM
MD
LG