Линкови за пристапност

Македонија ќе мора засилено да ја штити јужната граница


ЕУ го кажа конечниот свој збор дека цврсто стојат зад затворањето на балканската рута за бегалците и оттука Македонија ќе мора со уште позасилени мерки да ја заштитува јужната граница, велат упатените. Илјадници бегалци се уште се наоѓаат во Идомени, а неколку стотини од нив нелегално влегоа на македонска територија по што беа спречени да го продолжат својот пат и беа вратени во Грција.

Ваквата сложена состојба предизвикува Македонија да се наоѓа многу сериозна ситуација, бидејќи мора да одговори на меѓународните конвенции на ОН за прифаќање и згрижување на бегалците, а од друга страна нема некои посебни капацитети и можности и од морален и од правен аспект да се справи и да им пружи помош и прифаќање на бегалците.
Благоја Марковски, Балкански форум за безбедност.

Во меѓувреме грчкиот премиер Алексис Ципрас изјави дека нема шанси балканската рута повторно да биде отворена и ги повика мигрантите од Идомени да преминат во прифатните центри. Тој апелираше тие да се откажат од постојаните напори да останат во Идомени, затоа што со тоа ги ризикуваат нивните животи. Австрискиот канцелар Вернер Фајман ја повика Германија да го поддржи затворањето на рутата. Според него, Австрија не сака повторно да ризикува и да стане чекалница на Германија. Благоја Марковски од Балканскиот форум за безбедност вели дека постојат два аспекти кои се поврзани со бегалската криза и кои се однесуваат на Македонија. Првиот, според него е дека Македонија ќе ја спроведува политиката на ЕУ за бегалците.

„Всушност таа и тоа мора така да го прави затоа што ниту има капацитети, ниту има други можности на друг начин да се справи со оваа бегалска криза освен да прифати она што ќе биде одлучено на ниво на ЕУ“, вели Марковски.

Вториот аспект, како што нагласува Марковски е дека Македонија без оглед на сите решенија се наоѓа во сериозна состојба, поради бегалците кои се наоѓаат во Идомени и оние кои се во прифатниот центар на северната граница и за кои треба да се најде одговор.

„Ваквата сложена состојба предизвикува Македонија да се наоѓа многу сериозна ситуација, бидејќи мора да одговори на меѓународните конвенции на ОН за прифаќање и згрижување на бегалците, а од друга страна нема некои посебни капацитети и можности и од морален и од правен аспект да се справи и да им пружи помош и прифаќање на бегалците“, додава Марковски.

Марковски не очекува да се промени состојбата на јужната граница, без разлика на евентуалниот притисок кој ќе се создава, но исто така очекува да се намали и бегалскиот бран и нивното присуство на Идомени. Претседателот Ѓорѓе Иванов по синоќешната седница на Советот за безбедност рече дека со затворањето на балканскиот коридор, очекувано било да се зголемат обидите за насилно и илегално влегување во Македонија. Тој порача и дека Македонија ќе ги преземе сите мерки и активности за заштита на државните граници и за зачувување на националната безбедност.

Марија Митевска, Радио Слободна Европа

XS
SM
MD
LG