Линкови за пристапност

САД: Иницијатива за индивидуализирана медицина


Индивидуализираната медицина би можела да постане основа за револуционизиран третман на рак, Алцхајмерова болест и други болести кои предизвикуваат „болка и страдање низ Америка“, рече претседателот Барак Обама

Претседателот зборуваше за време на самитот на приватни компании и невладини организации во Белата куќа, каде што слушна за напредокот на неговата Иницијатива за индивидуализирана медицина, проект за прилагодување на медицинските третмани за поединци.

„Многу често она што се нарекува здравствен систем е всушност систем за нега во кој пациентот е пасивен,“, рече претседателот, истакнувајќи дека индивидуализираната медицина им овозможува на пациентите да имаат „помодерна и поактивна улога“ за сопственото здравје.

Од Белата куќа велат дека проектот има за цел да стави крај на пристапот во медицината во кој „една големина одговара за сите“ и развој на „нови третмани кои се прилагодени на специфичните карактеристики на поединците, како што се генетските предиспозиции“. Претседателот Обама ја започна иницијатива вредна 215 милиони долари во неговото обраќање за состојбата на нацијата во 2015-та година.

Националниот институт за здравство веќе го прошири бројот на клинички испитувања за откривање на генетските причини на рак, како дел од иницијативата. Програмата вклучува обид до 2019-та да се регрутираат еден милион волонтери за истражувачки проект во кој ќе се студираат генетски и здравствените навики за да се откријат генетските основи за болестите. Националниот институт за здравство за проектот само во 2016 година има за цел да регрутира 79.000 доброволци, и започна со поставување на база на податоци за регрутирањето.

Претседателот Обама побара од Конгресот 309 милиони долари за да се напредне со иницијативата следната година. Во 2015 година, претседателот изјави дека сака „земјата која се ослободила од полиото и направила мапирање на човековиот геном да биде лидер во новата ера на медицината.“

Директорот на Националниот институт за здравство Френсис Колинс, за новинарите изјави дека иницијатива е „најголемиот и најамбициозниот проект за истражување од овој вид кога и да било направен порано“.

XS
SM
MD
LG