Линкови за пристапност

Папата и американската политика


Папата Францис ја стави под прашање христијанската вера на Доналд Трамп

Папата Францис се вклучи во претседателската трка во САД со сугестијата дека републиканскиот фаворит за номинацијата Доналд Трамп „не е христијанин“, поради неговиот предлог да се изгради масивен ѕид на јужната граница на САД со Мексико за да ги спречи мигрантите да стасаат во САД.

Коментарите на Папата се случија непосредно пред неговиот лет назад кон Рим, по еднонеделната посетата на Мексико, каде што тој одржа миса на отворено на само неколку стотина метри од границата со сојузната американска држава Тексас, дестинација на многу мигранти што доаѓаат од Мексико и Централна Америка.

„Човек кој мисли само за изградба на ѕидови, каде и да се, а не мисли да гради мостови, не е христијанин“, рече папата Францис и додаде дека „Ова не е дел од Евангелието.“

Папата рече дека „ќе го даде дарот на сомневањето“, бидејќи тој лично не слушнал за градежните планови на Трамп, централна тема во говорите на републиканскиот кандидат.

Но Папата Францис додаде: „Јас само би рекол дека овој човек не е христијанин ако тоа го кажал."

Трамп, кој е презвитеријанец, на собир во Јужна Каролина за коментарите на папата рече дека „не е нешто убаво да се каже." Тој рече дека сомневањето во неговата вера од страна на папата е „немилостиво“.

Милијардер со недвижности Трамп кажа дека ако терористи на Исламската држава некогаш го нападнат Ватикан „се надева дека Доналд Трамп“ претседателот на САД ќе одговори на нападот наместо сегашните „пасивни“ лидери во Вашингтон.

Американскиот претседател Барак Обама во последните година и половина раководи со коалиција на повеќе од 60 земји во извршувањето на 10.000 воздушни напади врз цели на Исламската држава во Ирак и Сирија, повеќето спроведени од страна на САД. Но Трамп и другите републикански претседателски кандидати се изјаснија дека доколку бидат избрани ќе спроведат поширока кампања против бунтовниците во Блискиот Исток.

Коментарите на папата дојдоа два дена пред клучниот натпревар за партиската номинација во Јужна Каролина, каде што анкетите покажуваат дека Трамп е во предност пред другите републикански претенденти.

Во последното истражување на телевизијата Фокс објавено денеска Трамп води со 32 отсто кај републиканските гласачи во државата, сенаторот од Тексас Тед Круз е втор со 19 проценти популарност, а сенаторот од Флорида Марко Рубио со15 отсто.

XS
SM
MD
LG